СЕКСУАЛНАТА РАБОТА ИТНО ДА СЕ ЛЕГАЛИЗИРА Марш на црвените чадори во центарот на Скопје
Декриминализацијата значи поголема веројатност за сексуалните работници и работнички да живеат без стигматизација, социјална исклученост и страв од насилство.
По повод 17 декември, Меѓународен ден за стоп на насилството денеска по 14-ти пат се одржа марш на црвените чадори кој почна од спомен куќата на Мајка Тереза, а заврши на плоштадот „Филип II“, јавува МИА. Сексуалните работници и работнички бараат итна и неодложна декриминализација на сексуалната работа во земјата и признавање на човековите и работничките права.
„Бараме декриминализација на сексуалната работа затоа што декриминализацијата е почитување на човековите права и достоинство и затоа што помага за заштита од насилство и злоупотреба. Бараме декриминализација на сексуалната работа затоа што таа ја ограничува полициската злоупотреба и насилство, го подобрува пристапот до здравствени услуги, го намалува ризикот од ХИВ и сексуално преносливи инфекции, ги унапредува безбедните работни услови, овозможува ефективен одговор на трговјата со луѓе, ја спречува државната контрола врз нашите тела и сексуалност“, побараа тие пред почетокот на маршот.

Сексуалните работници сметаат дека се дел од ова општество и треба да ги уживаат своите човекови работнички права подеднакво со останатите граѓани. Воедно, ја истакнаа потребата од итно донесување на нови правни рамки за регулација на сексуалната работа во земјава и упатија прашање до институциите „Декриминализација кога?“.
Декриминализацијата, како што нагласија, значи поголема веројатност за сексуалните работници да живеат без стигматизација, социјална исклученост и страв од насилство.
„Сексуалната работа сѐ уште не е правно регулирана во земјава. Република Северна Македонија како земја со аспирации за членство на ЕУ има обврска да обезбеди еднакво почитување на човековите права и слободи и унапредување на демократијата. Оттука бараме да бидеме препознаени од институциите и вклучени во процесот на креирање на најдобро законско решение за регулација на нашата работа започнување на измени на член 191 од Кривичниот законик и член 19 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир. Ја поддржуваме досегашната соработка со дел од институциите во земјата, но повикуваме на унапредување на соработка и интензивирање на процесот за декриминализација на сексуалната работа“, потенцираа сексуалните работници.
Според досегашните истражувања што ги направи СТАР – Првиот колектив на сексуални работници и негови партнерски организации, сексуалните работници во нашата земја, особено жените и трансродовите сексуални работници се соочуваат со висок степен на насилство и тоа најмногу родово базирано насилство, омраза и малтретирање во јавни простори.