ИТНИТЕ ПАЦИЕНТИ НА ЕДЕН ВЛЕЗ, А НЕИТНИТЕ НА ДРУГ Ќе се воведува ред во кумановската болница
За кумановци проблем е локацијата на ургентниот центар сместена во тесна улица каде често се создава сообраќаен метеж што дополнително ја отежнува состојбата со животозагрозувачки пациенти кои итно мора да се прегледаат. Директорот Трајановски најави дека пациентите со термини во иднина ќе се прегледуваат во таканаречената „сина зграда“, а итните во ургентниот дел.
Нови апарати, инфраструктурно доуредување и подобрување на кадровскиот потенцијал ќе добие кумановската Општа болница. Министерот за здравство, Арбен Таравари, при денешната посета на установата рече дека новата стратегија која ја подготвува Министерството ќе биде готова до крајот на наредната година и ќе ги утврди приоритетите за здравствените установи.
– Куманово после Скопје е вториот по големина град во Македонија. Прв пат доаѓам во Општата болница во Куманово, изгледот е разочарувачки. Искрено не само во Куманово, во повеќето болници, со ретки исклучоци, изгледот е ваков и сериозно треба да седнеме и да разговараме што можеме во идниот период да направиме. Секако, немаме магично стапче за да кажеме од идната или од оваа година ние сè ќе средиме, бидејќи е невозможно, многу работи зависат од финансии, буџетот го наследивме, така како што наследивме и се обидуваме барем преку апаратура оваа година да помогнеме. Идната година да видиме ако успееме да започнеме две болници коишто се почнати да се градат во Македонија, едната од 1998 година во Кичево, втората во Штип, почната 2010/11. За Куманово треба да видиме што можеме да реновираме како што тоа го правиме во Битола, Гостивар, Тетово, Струга, Охрид… во одделенија каде што треба да се интеревенира наеднаш за што побргу да се подобрат условите – изјави министерот.
Министерството ќе утврди што е најважно и што е потребно да се инвестира во здравствената установа која го покрива североисточниот плански регион. Министерот Таравари вели дека е потребно да се инвестира и да се види што ќе покаже стратегијата која ресорното министерство ја подготвува со Светската здравствена организација.
– Инаку, генерално ја мислам како држава ни треба и стратегија. Куманово од Скопје е оддалечено 30-40 минути возење, тоа е една позитивна страна за Куманово, но сепак и овде треба да видиме што е најбитно што треба да се работи, каде треба да се инвестира. Да не правиме луксузи, не треба во сите градови да имаме секакви специјализации за покомплицирани случаи, за коишто реално и немаме човечки ресурси. Во стратегијата која веќе ја подготвуваме и треба да биде готова до крајот на следната година ќе видиме кои приоритети за инвестиции колку што можеме да ги сработиме – додаде министерот.
Директорот на болницата, Стефан Трајановски рече дека здравството е девастирано. За кумановци проблем е локацијата на ургентниот центар сместена во тесна улица каде често се создава сообраќаен метеж што дополнително ја отежнува состојбата со животозагрозувачки пациенти кои итно мора да се прегледаат. Тој најави дека пациентите со термини во иднина ќе се прегледуваат во таканаречената „сина зграда“, а итните во ургентниот дел.
– Наследивме девастирано здравство. Има само еден рендген апарат каде се сликаат и термински и итни случаи, над него е компјутерски томограф и таму исто се снимаат и термински и итни случаи. На излезот од болницата досега имаше непријатни случки кога санитетски возила со животозагрозувачки пациенти се заглавуваа зашто не можеа да пријдат во слепата улица поради метеж и неможност за разминување. Оваа болница е од павиљонски тип. На друго место можеа да бидат лоцирани терминските прегледи, а тука треба да бидат итните случаи. Тоа ќе ми биде основна заложба покрај техничката опременост и инфраструктурното распределување и организација на движењето на пациентите. Итните само тука, а со термин, односно неитните во сината зграда. Ќе купиме апарати, но кадарот не можеме да го направиме со магично стапче – вели Трајановски.
Тој кажа дека со министерот се согласиле да ги придвижат работите во позитивна насока.