Итна порака за ВМРО-ДПМНЕ
Челниците на опозицијата секако детално ќе им објаснат за што се работи на најновите дронови (гости), коишто треба да дојдат на 17 јули. Меѓутоа, мора да се знае дека сериозните дипломатски разговори се посебна специјалност. Во тој контекст, ова е предлог до опозицијата како најлесно да ги истера новите дронови на чистина.
Во XI век овде поминувале крстоносци коишто, по налог на папата, оделе на поход во Ерусалим. По 10 века, овој пат по директива на ЕУ/САД, овде доаѓаат уставотворци, коишто сакаат да ја урнисаат Македонија, без да го знаат тоа. Крстоносците биле обичен народ, ама знаеле дека одат да го ослободат светиот град од Арапите, коишто ја освоиле Палестина.
Овие високи бирократи, пак, за разлика од крстоносците, немаат поим за што се работи и што е заднината на проблемот. Тие повеќе личат, или играат улога, на – дронови. Прифаќаат да бидат искористени на начин со кој го девалвираат сопственото достоинство.
Трагедијата е што истото се повторува. И нивните претходници играа иста улога за уништување на Македонците, за потоа, добар дел од нив да се каат за своите дела и да станат наши пријатели (Робертсон, Феуере…).
Пред пет години, Австриецот Хан (дали беше Владички?) не уверуваше дека или ќе постапиме по диктатите на Унијата, или одиме во изолација. Го послушавме и направивме историска грешка. Истата закана, вчера ни ја повтори виенскиот МНР, за нешто сосема ново. Срамно, зарем не? Македонија нема да биде во изолација ама, доколку радикално не ги промени своите капитулантски политики, и понатака ќе биде предмет за докусурување.
Исто искуство имаме и со германската канцеларка, Меркел, и со сегашните нивни претседател, МНР… Истите убедувања и закани ги верглаа и тогаш и сега, иако за сосема различни работи. Колку ли американски високи политичари ни ги пеат истите песни? И тогаш, и сега. Некое нивно сенаторче дури и отворено ни се закануваше! Мизерно, зарем не?
Нормално, тие не даваат пет пари за злосторите коишто ни ги прават како на држава и народ. Наше е да ги потсетуваме и цитираме што тресеа пред пет години, и пред тоа, а што сега. Арно ама, ние си молчиме. Крајно време е да тропнеме на маса и да кажеме дека е готово, дека ножот дојде до коска. Ако не постапиме така, по неколку години, ќе ни се повторува истиот сегашен и претходен театар, само со нова тема.
Челниците на опозицијата секако детално ќе им објаснат за што се работи на најновите дронови (гости), коишто треба да дојдат на 17 јули. Меѓутоа, мора да се знае дека сериозните дипломатски разговори се посебна специјалност. Во тој контекст, ова е предлог до опозицијата како најлесно да ги истера новите дронови на чистина. Треба да им ги постават следните три прашања, и да инсистираат на одговори со да или не:
1. Дали вие, во Франција, Германија и Полска, ако некој ваш сосед не ве признава дека сте Полјаци, Французи, или Германци и не прифаќа дека зборувате на германски, полски и француски, тврди дека немате сопствена историја…, ако дел од народот од тој ваш сосед живее кај вас – дали ќе го ставите во уставот, дури и да се цел милион?
Бугарија не признава дека ние сме Македонците, тврди дека сме Бугари, дека зборуваме бугарски дијалект, дека историја ни е заедничка, значи бугарска… А, во Македонија, според пописот од пред две години, има 3.504 Бугари. Дали, во такви услови, треба да ставиме Бугари во Уставот?
Како можете во вашиот устав да ставите некого којшто не признава дека постоите? Клучно е прашањето – која е целта на таквиот ултиматум? Што се сака да се постигне? Бугарија отворено тврди дека ние сме еден народ во две држави. Што ви кажува тоа?
2. Дали вие во Франција, Германија и Полска, ако имате сосед каде со векови живеат стотици илјади Полјаци, Французи и Германци и тоа без никакви универзални права, и се изложени на вистински геноцид, каде не се признаваат дури 16 пресуди на Европскиот суд за човекови права во корист на вашето малцинство… малцинство на тој народ коешто евентуално живее во вашите земји, колку и да е тоа – ќе го ставите во вашите устави?
3. Дали вие во Германија, Полска и Франција, ако имате сосед со кого сте потпишале договор за пријателство, добрососедство и соработка, којшто, врз основа на договорот, наместо развивање на односите, ве блокира, уценува и ви поставува ултиматум да морате да го смените уставот – и нивното малцинство коешто е минимално во вашите држави, да го ставите во Уставот, ќе го прифатите тој диктат?
Зарем треба да се каже дека тоа е класично мешање во вашите внатрешни работи. Дали ќе прифатите таков диктат дури и да се работи и за сосед со којшто немате никакви други проблеми (што овде не е случај)?
Треба да се инсистира да се одговора по секое прашање.
Во вакви прилики, нормално е искусни политичари и дипломати да одговараат без ништо да кажат. Со оглед дека се работи за клучно прашање за нас, тоа не смее да им се дозволи. Во таков случај, нашите претставници треба самите јавно да извлекуваат заклучок – дали е одговорот да или не на прашањето. Тоа мора да го нагласат бидејќи одговорите во никој случај не можат да бидат – да. Треба да се извлечат и соодветни заклучоци во наша корист.
Врвна дипломатија е кога разговорот со странци се води на ваков начин. Опозицијата ќе ги матира гостите и нивната мисија на дронови ќе ја направи бесмислена.