ИТАР МАНЕВАР, СОВРШЕН ТРИК ИЛИ ТРОЈАНСКИ КОЊ Што би добила Бугарија за возврат ако се откаже од уставните измени?
Ако Бугарија се откаже од барањето да се отвори македонскиот Устав и во Преамбулата да се вметнат Бугарите, тоа практично би го сметал за победа на про-европското мислење во Софија, а не би го сметал како нешто од коешто би требало да се плашиме, вели првиот министер за надворешни работи, Денко Малески.
Може ли Бугарија да се предомисли и да се откаже од своето клучно барање Бугарите да бидат впишани во македонскиот Устав? Во политичките кругови веќе некое време гласно се зборува дека Софија е подготвена да повлече таков потег, а вчера истото го потврди и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој истакна дека Бугарија е спремна на такво сценарио со цел да спласне притисокот и да издише отпорот во Македонија против отворањето на Уставот.
Таквиот бугарски чекор за дел од македонските дипломати претставува „итар маневар“. За други, претставува „тројански коњ“. За трети, пак, е победа на про-европското мислење во Софија.
Но, клучното прашање коешто сега се поставува е зошто, реално, Бугарија сега би се откажала од своето барање, но и ако веќе го направи тоа, тогаш што ќе добие за возврат?
Тркало на историјата
Ако Бугарија се откаже од барањето да се отвори македонскиот Устав и во Преамбулата да се вметнат Бугарите, тоа практично би го сметал за победа на про-европското мислење во Софија, а не би го сметал како нешто од коешто би требало да се плашиме, вели првиот министер за надворешни работи, Денко Малески.
Многу е важно дали зад таквиот потег на Бугарија стои европска политика, или, пак, стои националистичка политика.
– Многу е важно дали зад таквиот потег на Бугарија стои европска политика, или, пак, стои националистичка политика. Оти, националистичкиот наратив во Бугарија тврди дека ние сме всушност Бугари и дека македонската нација и македонскиот јазик се измислици. Другиот наратив на прогресивната Бугарија, кој изразено во гласачи е малцинство, вели дека ние сме посебна нација која не настанала многу поинаку од сите други нации во светот. Многу е важно каква насока ќе земе бугарската држава, односно која ќе биде нивната политика. Дали тркалото на историјата кое веќе еднаш свртело кон формирање на македонска нација, македонска држава и македонски јазик, ќе го туркаат напред заедно со останатите членки на ЕУ, или, пак, ќе се обидат да го вратат назад – вели Малески.
Тој појаснува дека начинот на којшто би можела да се обиде една таква политика да го врати назад тркалото на историјата е да се уфрли некаков „тројански коњ“, којшто би работел на реализација на таа идеја на бугарските националисти.
– Од друга страна, либералните Бугари, интелектуалците пред сѐ, сметаат дека тоа е погрешната теза и дека треба да се поддржи Македонија во нејзиниот развој и интеграција во ЕУ. Значи, сѐ зависи што точно стои зад барањето на Бугарија да се отвори македонскиот Устав. Важно е каква политика стои зад тоа барање – дали е тоа „тројански коњ“ со чија помош би се разградила државата и нацијата, или е, едноставно, еден аспект на човекови права. Либералните Бугари не се задоволни од оваа агресивна политика на Софија и доказ за тоа беше и реакцијата за јазикот. Тие мислат дека условувањето да се внесат Бугарите во македонскиот Устав е насилство врз една суверена држава. Меѓутоа, да се потсетиме дека и либералните Грци до ден-денешен сметаат дека беше насилство еден народ на друг да му наметнува име, па сепак тоа се случи – објаснува Малески.
Игра на нерви
Најавите дека Бугарија во брзо време ќе се откаже од барањето Бугарите да влезат во македонскиот Устав се чиста шпекулација, смета поранешниот амбасадор Ристо Никовски.
– Откажувањето на Бугарите од барањето да се извршат уставни измени во Македонија е чиста игра со нашите нерви, бидејќи и преговарачката рамка и сите други документи што се однесуваат на почетокот на преговорите на земјава со ЕУ се веќе прифатени. Сѐ е веќе дефинирано, па нема никаква логика Бугарија сега да си става трн во здрава нога. Значи, сето тоа е дефинирано, финализирано и од барањето за промена на македонскиот Устав нема отстапување – објаснува Никовски.
Меѓутоа, додава тој, постои една друга приказна, бидејќи, очигледно, ако се слушне цврстиот став на опозициските пратеници, во Македонија ќе биде многу тешко да се смени Уставот.
– Откако ќе поминат две, три или четири години, може да дојде до некои нови бугарски реминисценции кога ќе сфатат дека самите себеси се блокираа. Сите напори на Софија за да нѐ направи свој протекторат, успевајќи да ги внесе сите свои будалаштини во преговарачката рамка, се само заради засилување на нејзината улога во преговорите. Така што, по неколку години, кога ќе сфатат дека самите си ја скршија гранката на којашто седат, тогаш ќе почнат да размислуваат за откажување од барањето да се внесат Бугарите во Уставот. Мора да се разбере дека со сето ова што се случи во Брисел и со сѐ што ни се прави со бугарските анти-историски и налудничави политики, Македонија е буквално фрлена на колена – објасни Никовски.
Невиден маневар
Поранешниот македонски амбасадор во Софија, Марјан Ѓорчев, во изјава за весникот „Нова Македонија“ вели дека откажувањето на Бугарија од идејата да се отвори македонскиот Устав и во него да се вметнат Бугарите, би било „невиден маневар“.
Дури и без тој услов, сѐ друго е толку многу проблематично за нас што воопшто не би смеело ниту да се навлегува во преговори по овие прашања и тука доаѓа до израз штетноста на договорот од 2017 година
– Од мој агол, такво нешто, по сето она што се случуваше досега и откако предлогот помина во бугарскиот Парламент, не би можело да се случи. Тоа би било невиден маневар, кој во овој политички момент, никој од тамошните политички чинители не би можел да си го дозволи зашто повеќето од нив своите рејтинзи ги градеа делумно и на ова прашање – објаснува Ѓорчев.
А на прашањето дали тоа, доколку сепак се случи, би ја „размекнало“ македонската страна, тој е уште покатегоричен.
– Никако не би смеело да нѐ задоволи такво нешто. Дури и без тој услов, сѐ друго е толку многу проблематично за нас што воопшто не би смеело ниту да се навлегува во преговори по овие прашања и тука доаѓа до израз штетноста на договорот од 2017 година – објаснува тој.
Самата најава за можното ретерирање на бугарската страна, според Ѓорчев, повеќе би можела да се смести во актуелниот внатреполитички контекст во Бугарија и тамошните меѓусебни борби помеѓу проруските и прозападните сили.
– Ако сето тоа е со цел дополнително да се дестабилизира внатрешно-политичката состојба во Бугарија или некоја од тамошните политички групации, тогаш сѐ е можно – вели Ѓорчев.