ИТАЛИЈАНСКА ПРЕМИЕРА НА „ЈОН ВАРДАР ПРОТИВ ГАЛАКСИЈАТА“ Македонската анимација оди на светска сцена

Филмот е дел од официјалната селекција и се натпреварува за престижната награда Пулчинела, едно од највисоките признанија во светот на анимацијата, соопшти сценаристот и режисер Гоце Цветановски.

102

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ денеска ќе ја има својата италијанска премиера на реномираниот фестивал Cartoons on the Bay во Пескара. Овој фестивал, организиран од италијанската национална телевизија РАИ, претставува водечки настан во Италија посветен на анимацијата, трансмедијата и на визуелните уметности.

Сценарисот и режисер Гоце Цветановски соопшти дека филмот е дел од официјалната селекција и се натпреварува за престижната награда Пулчинела (Pulcinella) – едно од највисоките признанија во светот на анимацијата. За наградите ќе одлучува меѓународно жири составено од реномирани професионалци, водено од Роб Минкоф, ко-режисер на безвременскиот класик „Кралот Лав“ (1994). Минкоф оваа година ќе биде одликуван со награда за животно дело за неговиот исклучителен придонес за анимираниот филм.






Фестивалот ќе трае до 1 јуни и во својата богата програма годинава ќе ги собере најзначајните анимациски остварувања од целиот свет. Предвидени се и работилници и дискусии за професионалците и љубителите на анимацијата.

Италијанската премиера на „Јон Вардар против Галаксијата“ на овој фестивал е значаен чекор за македонската анимација, претставувајќи ја на меѓународната сцена и отворајќи нови можности за нејзин развој и афирмација.

Филмот е во сценарио и режија на Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски. Филмот е поддржан од Агенцијата за филм.

Поврзани содржини