ИТА БРЗИОТ ВОЗ СКОПЈЕ – СОФИЈА Само уште да се најде решение за спорот и да се крене рампата
Македонскиот преговарач Владо Бучковски на форум во Софија нагласи дека за шест години ќе има воз меѓу двата главни града, додавајќи дека Северна Македонија ќе добие 200 милиони евра за изградба на делницата до границата со Бугарија. Поранешниот министер Соломон Паси вети дека ќе купи билет за првиот воз. Останува уште да се најде решение за спорот.
Северна Македонија и Албанија постигнаа многу на полето на реформите и Брисел ги поддржува нивните напори, но доцнењето на нивната евроинтеграција влијае на довербата кон ЕУ во Западен Балкан, истакна еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на Софискиот балкански форум насловен „Време е да се врати довербата“, јави МИА од Софија.
Вархеји рече дека Бугарија и Северна Македонија мора да ги решат отворените прашања и наскоро да започнат преговорите со Скопје и Тирана.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Вархеи, сите треба да се однесуваат кон земјите од Западен Балкан, не како кандидати, туку како држави-членки на ЕУ. Следната година Брисел во регионот ќе инвестира 30 милијарди евра, што е една третина од БДП на Западен Балкан.
Главниот преговарач во името на македонската влада, професорот Владо Бучковски, на форумот во Софија рече дека Северна Македонија нема територијални претензии кон Бугарија и дека тоа ќе биде изразено во дипломатска нота, а Скопје нема намера да се меша во внатрешните работи на Софија. Бучковски рече и дека за шест години ќе има воз меѓу двата главни града, додавајќи дека Северна Македонија ќе добие 200 милиони евра за изградба на делницата до границата со Бугарија.
Поранешниот бугарски министер за надворешни работи Соломон Паси, кој раководеше со еден од панелите, рече дека ќе купи билет за првиот воз што ќе сообраќа меѓу Софија и Скопје. Тој ги повика Бугарија и Северна Македонија да најдат брзо, добро и трајно решение за спорот меѓу нив, наведувајќи како Мароко и Израел потпишаа договор за воена соработка, што беше незамисливо до пред една година.
Организатор на Софискиот Балкански форум „Време е да се врати довербата“ е бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, кој истакна дека е важен разговорот за историјата, но истовремено не помалку важен и разговорот за иднината. Тој потсети колку е кревок мирот во различни делови на Западен Балкан, како што е ситуацијата во Босна и Херцеговина и дијалогот меѓу Србија и Косово.
– Стратешки интерес на Бугарија траба да биде Северна Македонија да стане дел од ЕУ – истакна Ќучук.