Истражување: 7,8 отсто од македонските ученици пробале дрога, најмногу канабис

302

Пиењето и пушењето кај тинејџерите на возраст од 15-16 години опаѓа, но ризикот од употреба на канабис и новите видови на зависност се причина за загриженост. Дваесет и седум отсто од македонските ученици се имаат обложувано за пари во последната година, додека 19 проценти минуваат повеќе од шест часа на социјални медиуми за време на школските денови, а 11 отсто повќе од шест часа во играње видео игри за време на викенд, покажува извештајот на Европскиот училишен истражувачки проект за алкохол и други супстанци (ESPAD).

Студијата, спроведена во партнерство со Европската агенција за лекови (ЕМЦДДА), се базира на репрезентативни студии во 35 европски земји вклучително и Македонија.






Во однос на достапноста на алкохолот и другите супстанци, младите кај нас рекле дека најлесно може да дојдат до алкохол – 69 проценти, потоа до цигари – 49 отсто, додека до канабис секој петти (19 %), а еден од десет до екстази (10%).

Употребата на алкохол останува висока кај адолесцентите во Европа, каде во просек над три четвртини (79%) од учениците пробале алкохол барем еднаш во текот на својот живот. Кај нас тој процент е 67. Скоро половина (47%) од сите испитаници и над 40 проценти од учениците кај нас рекле дека конзумирале алкохол во последните 30 дена. Податоците покажуваат тренд на релативно постојан пад, со тоа што сегашните нивоа се пониски од 2003 година, кога двата показатели го имале врвот од 91 и 63  проценти соодветно.

Кај нас, половина од учениците или 49 проценти рекле дека можат доколку сакаат лесно да дојдат до цигари, 38 отсто пробале цигара барем еднаш во животот, а 20 проценти рекле дека пушат цигари секојдневно. Околу 12 проценти од учениците пробале цигара на 13 години или порано, додека секојдневно пушат 2,6 отсто.

Околу 7,8 проценти од македонските ученици рекле дека пробале некоја дрога и тоа канабис (6,1%), екстаза (1,1), амфетамин (0,6%) и метамфетамин (0,4%). Меѓу машките едно од десет пробало било каква дрога, додека меѓу девојчињата едно од дваесет.

Канабисот се смета за еден од најлесно достапните забранети супстанци, каде еден од тројца ученици (32%) рекле дека, доколку сакаат можат лесно да најдат. Споредено со канабисот, достапноста на останатите дроги е ниска, за екстази (14%), кокаин (13%), амфетамин (10%) и метамфетамин (8,5%).

Во земјава 19 проценти од учениците сметаат дека можат лесно да дојдат до канабис. Достапноста на останатите супстанци е под десет проценти – екстази (10%), кокаин (7,5%), амфетамин (6,8%), метамфетамин (6,1%) и крек (4,4%).

Поврзани содржини