ИСТРАЖУВАЊЕ Колку короната ја шират вакцинираните, а колку невакцинираните?

Критичарите на вакцинациите и ковид-пропусниците, воведени од многу земји, заклучуваат дека таков режим е бесмислен, бидејќи вирусот може да се шири дури и на собири на кои присуствуваат само вакцинирани лица.

2,329

Една од честите критики за вакцинација и воведување епидемиолошки ограничувања за невакцинирани (или ковид-пропусници), што може да се слушнат во последниве месеци, е дека вакцинираните исто така го шират вирусот.

Навистина, ситуациите во голем број високо вакцинирани земји, како што е Израел, покажаа дека одобрените вакцини не штитат толку ефикасно од делта варијантата, како што тоа го правеа од другите кои претходно доминираа. Делта сојот на вирусот САРС-КоВ-2 се покажа не само како повеќе заразна, туку и дека може делумно да ја заобиколи имунолошката одбрана создадена со вакцинација. Покрај тоа, се покажа дека заштитата од вакцина опаѓа со текот на времето. Извештајот објавен од американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) покажа дека ефективноста на заштитата од инфекција со делта обезбедена со вакцини одобрени во таа земја е намалена од околу 90% на околу 66%.






Критичарите на вакцинациите и ковид-пропусниците, воведени од многу земји, заклучуваат дека таков режим е бесмислен, бидејќи вирусот може да се шири дури и на собири на кои присуствуваат само вакцинирани лица. Притоа, тие обично се повикуваат на некои истражувања, кои покажаа дека вирусното оптоварување, односно концентрацијата на вирусот во носната слузница кај невакцинираните луѓе е слично висока како кај вакцинираните, кои подоцна беа побиени. Покрај тоа, посочуваат, вакцинираните луѓе ќе се чувствуваат побезбедно и нема да посветат доволно внимание на другите епидемиолошки мерки, како што се носење маски, миење раце и држење дистанца, особено во затворени простории.

Но, критичарите на вакцинација и ваквите заклучоци прават повеќе грешки затоа што се повикуваат на погрешни пoдатоци. Имено, истражувањето јасно покажа неколку важни факти врз кои се темелат заклучоците што ќе ги презентираме во овој текст:

1) Шансата да се инфицира вакцинирано лице е многу помала отколку да се зарази невакцинирано лице, вакцините штитат околу 66%.

2) Вирусно оптоварување кај вакцинирани и невакцинирани не е исто кога се гледаат сите заразени – со и без симптоми.

3) Вирусното оптоварување кај вакцинираните луѓе се намалува многу побрзо отколку кај невакцинираните луѓе.

4) Треба да се очекува дека луѓето кои биле вакцинирани ќе одржуваат повисоко ниво на претпазливост од невакцинираните, од кои многумина ја релативизираат опасноста што ја носи ковид-19.

5) Конечно, останува неоспорен факт дека вакцинираните луѓе се неспоредливо вртојатно помалку да се разболат сериозно и да умрат, дури и кога станува збор за делта сојот.

Со други зборови, вирусот е помалку распространет меѓу вакцинираните отколку кај оние кои не се вакцинирани, а ризикот од тешки последици од неговото ширење кај вакцинираните е неспоредливо помал.

1) Повеќето вакцинирани нема да се инфицираат.

Фактот дека делта сојот успева да го заобиколи вакцинираниот имунолошки систем не значи дека веројатноста за инфекција е иста кај вакцинираните и невакцинираните. На пример, една студија објавена од ЦДЦ кон крајот на август покажа дека од мај до јули во округот Лос Анџелес, невакцинираните луѓе имале пет пати поголема стапка на инфекции со ковид-19 отколку вакцинираните.

Со други зборови, ширењето на инфекцијата кај вакцинираните е значително намалено. Фактот дека може да се заразат не значи дека ќе бидат заразени во ист процент, односно дека ризикот од дружење со вакцинираните е ист како и со невакцинираниот.

2) Вирусно оптоварување кај вакцинирани и невакцинирани не е исто

Некои истражувања покажаа дека вирусното оптоварување во носната слузница на невакцинирани и вакцинирани е слично.

Сепак, голема анализа на пренос на делта сојот, спроведена од научници предводена од тим од Империјал колеџ во Лондон, која тестира повеќе од 100.000 британски доброволци на секои неколку недели, врз основа на податоците од британската програма „REACT-1“, покажа дека вакцинираните луѓе имале помалку вирусно оптоварување од невакцинираните.

Пол Елиот, епидемиолог од Империјал, објасни за „Nature“ дека овие резултати се разликуваат од другите слични студии, бидејќи нивните истражувања случајно земале примерок од популацијата и вклучиле луѓе кои биле позитивни на тестирањето иако немале симптоми.

3) Вирусното оптоварување кај вакцинираните луѓе се намалува многу побрзо отколку кај невакцинираните лица

Истражувањата покажуваат дека вакцинираните луѓе кои се инфицираат со делта сојот остануваат заразени пократко време од невакцинираните луѓе.

Ова, меѓу другото, беше посочено и од студија на сингапурски научници кои го следеа вирусното оптоварување кај вакцинираните и невакцинираните луѓе заразени со вирусот САРС-КоВ-2 секој ден. Во текот на првата недела од инфекцијата, оптоварувањето со варијантата делта беше слично за двете групи, но брзо се намали меѓу вакцинираните по седмиот ден.

Затоа, експерти од Сингапур, исто како и американскиот ЦДЦ, препорачаа вакцинираните луѓе да продолжат да носат маски во затворени простории каде што се собираат голем број луѓе.

Вирусниот имунолог Лука Чичин-Шаин, кој работи во добро познатиот центар за истражување на инфективни болести Хелмхолц во Брауншвајг, Германија, ги објасни причините зошто вирусното оптоварување кај вакцинираните луѓе може да падне побрзо.

– Ова е логично бидејќи вакцината дадена во мускулното ткиво не може да создаде исто ниво на имунитет во слузницата како што е во мускулното ткиво. Затоа, имунитетот во слузницата на горните дишни патишта кај вакцинираните ќе биде нешто помал, па вирусот ќе започне со инфекција на горните дишни патишта, меѓутоа релативно наскоро потоа тие ќе дојдат во контакт со клетките на одбранбениот систем, кои многу брзо ќе одговорат на инфекцијата и ќе го потиснат вирусот – рече Чичин-Шаин.

4) Треба да се очекува дека вакцинираните ќе продолжат да се придржуваат кон мерката

Бидејќи вакцинираните луѓе исто така можат да го шират вирусот, ЦДЦ им препорачува да продолжат да се придржуваат кон епидемиолошките мерки, особено да носат маски кога се собираат во затворени простории и редовно да ги мијат рацете.

Иако вакцинираните луѓе имаат причина да се чувствуваат порелаксирано затоа што вакцината цврсто ги штити од инфекција, а уште повеќе од хоспитализации и смрт, од друга страна, за очекување е да имаат поголема доверба во препораките на експертите и здравствените агенции. Имено, ова е токму една од клучните причини зошто се вакцинирани и покрај одреден мал ризик што постои за развој на посериозни несакани ефекти.

5) Вакцинираните луѓе ретко се разболуваат и умираат

Извештаите што редовно ги објавува повеќето институции покажуваат дека повеќето хоспитализирани и починати доаѓаат од невакцинирани.

Претходната студија на ЦДЦ откри дека невакцинираните луѓе имале 29 пати поголема веројатност да бидат хоспитализирани отколку вакцинираните луѓе. Како заклучок, авторите исто така посочуваат дека невакцинираните се со поголема веројатност да завршат на интензивна нега и на респиратор и ќе починат, а процентот е значително повисок од вакцинираните.

Покрај тоа, бројни студии покажуваат дека компликациите, како што е згрутчување на крвта и откажување на мултисистемските органи, се почести кај хоспитализирани отколку кај пациенти со ковид-19 без симптоми.

Имено, неколку студии покажаа дека пациентите примени во болница со ковид-19 имале компликации поради нарушувања на коагулацијата кои ги вклучувале срцето, мозокот и периферниот циркулаторен систем, што главно довело до миокарден инфаркт, исхемичен мозочен удар и венски тромбоемболизам.

Во текот на првите месеци од ширењето на пандемијата, неколку студии кои вклучуваа аутопсија откри системска микротромбоза во многу органи, вклучувајќи ги и белите дробови, срцето и бубрезите, сугерирајќи дека тромбозата може да придонесе за честа и често фатална мултисистемска инсуфициенција на органи кај пациенти со тешка ковид-19 слика.

Така, како што наведовме на почетокот, иако вакцинираниот може да го шири вирусот, ризиците за негово пренесување, како и за тешките последици од инфекцијата, се неспоредливо помали меѓу нив.

Поврзани содржини