ИСТРАГИ ПО СКАНДАЛОТ НА ГРОК СО ЕРОТСКИ ДИПФЕЈКОВИ Неколку европски земји најавија забрани за технологијата
Згрозена сум што оваа технолошка платформа им овозможува на корисниците дигитално да ги соблечат жените и децата. Ова е незамисливо однесување, а штетата предизвикана од овие дипфејкови е многу реална, изјави претседателката на Европската комисија за „Политико“.
Европската унија отвори повеќеслојна истрага против технолошката платформа на Илон Маск, откако нејзиниот четбот „Грок“ бил искористен за создавање сексуално експлицитни дипфејкови со ликови на жени и малолетници.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, остро ја осуди појавата.
– Згрозена сум што оваа технолошка платформа им овозможува на корисниците дигитално да ги соблечат жените и децата. Ова е незамисливо однесување, а штетата предизвикана од овие дипфејкови е многу реална – изјави таа за „Политико“.
Фон дер Лајен додаде дека ЕУ нема да ја препушти заштитата на децата на компаниите од Силиконската долина.
– Ако тие не дејствуваат, ние ќе дејствуваме – порача таа.
Од почетокот на јануари, илјадници жени и тинејџерки низ Европа пријавиле злоупотреби преку „Грок“, кој автоматски генерирал фотографии во бикини или со разголени тела.
Европската комисија побара од „Икс“ да ги задржи сите внатрешни документи поврзани со работата на „Грок“, заради сомнежи дека компанијата го прекршила европскиот Закон за дигитални услуги.
Иако „Икс“ ја ограничи употребата на функцијата за вештачко генерирани слики само за платени корисници, портпаролот на Комисијата, Томас Рение, потврди дека истрагата ќе продолжи.
Случајот е нов тест за способноста на Унијата да го контролира влијанието на Маск и на големите американски технолошки корпорации. Само еден месец претходно, „Икс“ беше казнет со 120 милиони евра за прекршување на европските закони за дигитални услуги.
Во Обединетото Кралство, регулаторот Ofcom објави дека отвора посебна истрага против „Икс“.
– Постојат длабоко загрижувачки извештаи дека четботот „Грок“ е користен за создавање и споделување сексуализирани слики од деца. Ова потенцијално претставува материјал за сексуална злоупотреба – се наведува во нивното соопштение.
Ofcom веќе побарал од компанијата објаснување за преземените чекори и поставил строг рок до 9 јануари. По добиените одговори, регулаторот одлучил да премине во официјална истрага.
Случајот добива континентална димензија – истраги се отвораат во Брисел, Даблин, Париз и Лондон.
Владата на Велика Британија ќе воведе ново кривично дело оваа недела насочено кон создавање интимни слики без согласност, изјави министерката за технологија Лиз Кендал.