„ИСТРАГАТА ТРАЕ, СЕ СОБИРААТ ДОКАЗИ И СОСЛУШУВААТ СВЕДОЦИ“ Тошковски за истрагата за пожарот во Кочани
Министерот за внатрешни работи информира и за истрагите за неколку случаи на опожарени возила.
Се преземаат активности по насоки на Јавното обвинителство и колку што сум информиран во моментов се сослушуваат одреден број на сведоци коишто се поврзани со кривично правниот настан, изјави министерот за внатрешни Панче Тошковски кој денеска престојуваше во Штип.
Тој истакна дека не би имал што други да додаде, бидејќи истрагата трае.
-Во овој момент истрагата трае, се собираат докази, се постапува по насока на Јавното обвинителство, штом има нови моменти јавноста од страна на Јавното обвинителство ќе биде запознаена за сите оние чекори коишто ќе следат во иднина -рече Тошковски.
Тошковски одговори и за истрагите за опожарените возила низ државата.
-Во однос на дел истрагата е затворена и се поднесени се обвиненија. Во однос на дел од постапките коишто се водат во Министерството за внатрешни работи во соработка со Јавно обвинителство се собираат докази, се постапува. Така да за секој предмет за којшто има затворено истрага обезбедени се докази, истите се процесуирани и се надевам дека најбрзо што може ќе се постапи од страна на судовите и ќе се донесат осудителни пресуди за сите оние коишто сториле таков тип на злодело – рече Тошковски.
Тошковски денеска во Штип присуствува на 14. Годишно собрание на ИПА Македонија, кое е од меѓународен карактер.
Тој рече дека очекува членовите на Меѓународното полициско здружение-ИПА Македонија ќе разменат искуствата, идеи и програми со гостите кои денеска се во Штип, а се со цел како подобро да соработуваат меѓу себе и како да допринесат во општеството со сите нивни активности.
Претседателот на ИПА Македонија, Игно Стојков истакна дека ова меѓународно здружение е формирано во 1950, а во нашата земја е основано во 2011 година. Членовите се активни, пензионирани и поранешни припадници на МВР, Агенцијата за национална безбедност, Финансиската полиција, ОТА и членови на други безбедносни институции во Македонија.