ИСТРАГА ЗА УБИЕНИОТ ВОЈНИК ВО БАТИНЦИ Две лица се осомничени, едно е уапсено
Уапсен соучесникот во бруталното убиство на припадник на Армијата во Батинци.
Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против две лица осомничени за убиство на припадник на Армијата, Агим Муареми (45), кој беше застрелан со повеќе истрели во селото Батинци, во близина на Скопје.
Трагичниот настан се случил на 11 јули, кога Муареми, заедно со својата малолетна ќерка, се движел со автомобил „КИА соренто“. Според истрагата, осомничените, по претходен договор и со умисла, го пресретнале неговото возило со „Опел астра“ и му го препречиле патот. Во возилото биле второосомничениот како возач, првоосомничениот и уште две за сега непознати лица.
Првоосомничениот излегол и со пиштол испукал пет истрели кон Муареми и неговата ќерка. Жртвата добил два куршуми во градниот кош, по што храбро излегол од возилото обидувајќи се да ја заштити ќерката. Напаѓачите веднаш побегнале. Девојчето повикало помош, а роднините го однеле тешко ранетиот Муареми во болница, каде што им подлегнал на повредите.
Од Обвинителството информираат дека второосомничениот – возач на „Опелот“ – е веќе идентификуван, лишен од слобода и изведен пред судија на претходна постапка. За него е предложена мерка притвор. Потрагата по првоосомничениот и другите две непознати лица сè уште е во тек.
„Се работи за тешко кривично дело – убиство извршено на свиреп начин и со доведување во опасност на животот на малолетна личност. Обвинителството презема сите мерки за целосно расчистување на случајот, а истрагата продолжува со интензивирана динамика“, соопштија од ОЈО Скопје.
Жртвата Агим Муареми бил долгогодишен припадник на Армијата, каде уживал респект од колегите. Населението во Батинци е потресено од немилиот настан, а локалните жители велат дека не паметат вакво брутално злосторство во селото.