ИСТРАГА ЗА ПРВООСОМНИЧЕНИОТ ВО „ПЛАНИНА“ Муареми бил лидер на групата која препродавала кокаин

428

Јавното обвинителство ќе ја продолжи истрагата за Иљаз Муареми (45) кој беше приведен вчера во селото Грчец, Скопско. Муареми се бараше со национална и меѓународна потерница од 2021 година поради постоење основано сомнение дека како главен организатор сторил кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори, предвидено и казниво по член 215 став 3 вв став 1 од Кривичниот Законик. Тој е првоосомничен во предметот „Планина“.

„Истражната постапка за предметот „Планина“ беше отворена во март 2021 година против 28 лица, од кои и против едно дете во судир со законот над 16 години. Бидејќи се работеше за две криминални групи што се занимавале со неовластена продажба на наркотична дрога беа донесени две Наредби за спроведување на истражна постапка. Во тогаш спроведените акции на територијата на село Грчец и населбата Гази Баба беа лишени од слобода 22 лица, а петмина, меѓу кои и првоосомничениот, беа во бегство. Во меѓувреме, односно во септември 2021 година и во текот на 2022 година три лица од осомничените лица недостапни на органите на прогонот се лишени од слобода и истражната постапка против нив продолжи“, соопшти ОЈО.






Предметните обвинители постигнале спогодба со 14 обвинети лица за кои судот ги прифатил предлог спогодбите и донел пресуди со кои на осум лица им определил казна затвор во траење од по 3 години, на две лица во траење од по 3 години и 6 месеци, три лица се осудени на казна затвор во траење од 4 години и 6 месеци и едно лице на 5-годишна затворска казна.

Врз основа на признание на вина на главната расправа петмина обвинети се осудени на казна затвор и тоа: 1 лице на казна затвор од 3 години и 5 месеци, две лица на казна затвор од 4 години, едно лице на казна затвор од 5 години и едно лице на казна затвор од 6 години. По поднесените жалби на санкциите на две лица казните им се преиначени и се намалени од 6 години на 5 години и од 4 години на 3 години и 6 месеци.

По одржаната главна расправа донесени се пресуди за три лица од кои две во постапка пред второстепениот суд се преиначени и тоа од 4 години на 5 години затворска казна и од 3 години и 6 месеци на 6 години, додека пресудата за едно лице осудено на казна затвор во трење од 6 години е потврдена.

За едно лице истрагата останува прекината до негово пронаоѓање, за три лица е донесена Наредба за запирање на истрага од кои за две предметот е препратен на надлежно постапување во Основното јавно обвинителство – Скопје, додека на детето во судир со законот му се изречени воспитни мерки во траење од 1 до 5 години.

Членовите на двете организирани криминални мрежи, продавале наркотична дрога преку препродавачи во Скопје, Гостивар, Тетово, Струмица и други градови по цена која се движела во износ од 4000 до 5000 денари за 1 грам кокаин и во распон од 12.000 до 15.000 денари за 100 грама марихуана.

МВР вчера соопшти дека околу 11.40 часот полициски службеници од Оперативниот тим и ОКР Ѓорче Петров при СВР Скопје во содејство со САЕ „Тигар”, по претходно добиена оперативна информација, во близина на училиштето во селото Грчец, го лишиле  од слобода Иљаз Муареми (45).

Муареми, кој бил со четирицикл, се обидел да избега и притоа удрил во службено возило на МВР, но набргу бил совладан од полициски службеници и лишен од слобода. При тоа, кај него бил пронајден и одземен пиштол „валтер“ и рамка со 15 куршуми.

 

Поврзани содржини