ИСТРАГА ЗА МАЧЕЊЕ НА СТАРИ ЛИЦА ВО ПРИВАТНИ ДОМОВИ Две лица се уапсени и се сомничат за нехуман третман

Обвинителството и МВР спроведоа координирана акција по добиени сознанија за нехуман однос кон штитеници во две приватни установи за стари лица во главниот град. Во акцијата се вклучени и повеќе инспекторати и медицински екипи.

1,220

По добиени сознанија за можен нехуман третман на стари лица – корисници на услуги за вон-семејна заштита, Основното јавно обвинителство Скопје во координација со Министерството за внатрешни работи и Единицата за економски и компјутерски криминал спроведе акција за расчистување на случајот.

Како што соопштија од Јавното обвинителство, биле прибрани доволно информации кои ги потврдиле основите на сомнение, по што вчера биле извршени претреси на четири локации поврзани со две приватни установи за социјална заштита на стари лица, а денеска претресите продолжиле и на уште две локации.






– До овој момент две лица се лишени од слобода – наведуваат од Обвинителството.

На лице место, покрај претставниците од МВР и Обвинителството, биле присутни и инспектори од Министерството за социјална политика, демографија и млади, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, како и Агенцијата за храна и ветеринарство.

Во акцијата биле вклучени и доктори од Итната медицинска помош, Центарите за јавно здравје и Институтот за судска медицина и криминалистика.

Од Обвинителството потенцираат дека институциите продолжуваат со активности за утврдување на сите правно релевантни факти и евентуална одговорност во случајот.

– Во тек се анализи на прибраните материјални докази и изјави, а јавноста ќе биде информирана веднаш штом се утврдат дополнителни детали – велат од ОЈО.

Поврзани содржини