ИСТОРИСКИ УСПЕХ ЗА ЈАНА АТАНАСОВСКА Младата македонска скијачка со прва ФИС победа
Овие достигнувања претставуваат историски пресврт во македонското алпско скијање. Јана Атанасовска стана првиот македонски алпски скијач – и во машка и во женска конкуренција – кој успеал да постигне вакви резултати на меѓународната сцена.
Македонското алпско скијање доби нова хероина – Јана Атанасовска испиша историја со своите фантастични настапи на натпреварите во Австрија, освојувајќи златен медал и поставувајќи личен рекорд.
На слаломската трка во Глунгецер, Атанасовска покажа неверојатна форма, освојувајќи 30.56 ФИС поени – нејзин најдобар резултат досега. Иако стартуваше со висок број 28, заврши на 12. место, а нејзиниот настап добива уште поголема тежина ако се земе предвид дека во истата трка учествуваше норвешката ѕвезда Теа Луиз Стјернесунд, која е четврта во генералниот пласман во Светскиот куп. Јана беше побрза од неа во првото возење и заврши на само 0.70 секунди зад неа во второто скијање.
Настапите на Јана продолжија во Вајнебене, каде што првиот ден го освои третото место со само 0.36 секунди заостанување, додека вториот ден блесна со доминантна победа. Со стартен број 12, таа заврши на врвот со убедлива предност од 0.62 секунди, поставувајќи кариерен рекорд со 25.02 и ФИС поени во слалом.
Со овие резултати, Јана Атанасовска ќе биде меѓу најдобрите 15 скијачки во светот од генерацијата 2006 и ќе се најде во топ 200 на светската ФИС ранг-листа, што е историски успех за македонското алпско скијање.
– Оваа сезона беше долга и полна со предизвици, но конечно стигнав до резултатите што ги посакував. Сакам да се заблагодарам на Министерството за спорт за нивната поддршка – без нив, овој успех немаше да биде можен – изјави Атанасовска по триумфот.
Овие достигнувања претставуваат историски пресврт во македонското алпско скијање. Јана Атанасовска стана првиот македонски алпски скијач – и во машка и во женска конкуренција – кој успеал да постигне вакви резултати на меѓународната сцена. Со своите извонредни настапи, таа не само што ги подигна стандардите за македонското скијање, туку и докажа дека талентот, посветеноста и напорната работа можат да ја постават Македонија на светската мапа на алпското скијање.