ИСТОРИСКИ ПРИНОС НА ЖИТО Македонија обезбедува доволно пченица за сите
Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски најави рекордни приноси од пченица и откуп за државните резерви од домашни производители.
Годинава површините засеани со пченица во Македонија бележат раст од два проценти во однос на минатата година. Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, првичните податоци од теренските сондажи и анализите покажуваат дека просечниот принос ќе надмине 4 тони по хектар на државно ниво.
– Овие 70.000 хектари кои ги имаме во евиденцијата како Министерство, засеани со пченица, ќе дадат просек кој е многу поголем од минатите години. Ќе добиеме производство од 280 до 300 илјади тони пченица, со што ќе се задоволат домашните потреби – изјави министерот.
Трипуновски потсети дека во минатото главна забелешка била што државата дозволувала стоковните резерви да се полнат со увозна пченица, наместо со домашно жито. Оваа година, Владата донела одлука преку Агенцијата за стоковни резерви да се откупат 9.000 тони пченица од индивидуални земјоделци за потребите на резервите.
Стоковните резерви ќе се полнат во повеќе региони низ државата – во битолскиот и прилепскиот регион, дел во Овчеполието, како и во западна Македонија.