Историската вина како раска во окото

Колку и да сакаат, или сакаме, тоа историско „Македонско прашање“ да е само минато, тоа само се модифицира, се осовременува, одделни сили водени од чувствата на вина и страв му додаваат нови и нови атрибути…

1,153

Веројатно не е тешко да се предвиди што ќе биде во центарот на „стручното“ внимание на онаа македонска „пајтон-интелигенција“ идниве неколку дена. „Македонското прашање“, се разбира, и неговото спомнување од страна на премиерот во далечната Америка, кадешто, нели, не бил на инаугурацијата на новиот американски претседател туку на „чопоративно патешествие“ со „државни стотици илјади евра“. И сликајќи се со некакви „ојле-дојле по хотелски сали и коктели“ – колку глупав свет имало овде, да се чудиш! – ни праќа абер за некакво нерешено прашање, коешто нашава „интелигенција“ го решила одамна, заедно со нивните газди од „меѓународната“.

Но, од кој агол и да ја завртите таа „македонска приказна“, просто е неверојатно како (да простите) една педа земја но со импресивно име и минато, со векови – а особено последниве три децении! – разбранува речиси половина свет со своето постоење, со историјата, јазикот, културата…, дури и со самото име! Коешто е со векови сепак резервирано, нели, но и проскрибирано од 1992 година наваму. И како раска во окото или камен во „Вутон“ чевелот, таа Македонија односно баш тоа „македонско прашање“ ги тормози сите во регионот, Европа, но и преку океаните – секаде кадешто живеат Македонци. Самото спомнување на „грешното“ историско име коешто потенцијалните претенденти на истото и нивните белосветски ментори не можеле да го присвојат зашто веќе имале свои „ги јаде“ до избезуменост, до полудување, а ги распаметува и самата помисла дека некој друг и понатаму ќе го носи, на еден или на друг начин – со додавка, придавка, референца и секаква друга нецивилизирана пакостна измислица! Не пак фактот дека и понатаму постои суверена држава и народ со тоа име како современа историска реалност.






Но тоа не е само актуелна болка, жар што пече само последниве три децении. Тоа „прашање“ ги пржело и претходно, особено во времето на некогашната Југославија, кога Македонија добила статус на федерална држава, но, како што неколкупати сум спомнал, не смееле да писнат. Барем овие најгласниве, во регионов, но и пошироко. Зошто? Затоа што Јосип Броз уживаше огромен меѓународен углед, а југословенската армија ја сметаа меѓу најсилните во Европа. И имаше околу 20 милиони население, што во тоа време, споредено со соседите, беше сериозна сила. Ќе ги згазеше дур трепнат!

По сломот на таа Југославија, соседите, како и секој друг силеџија, можеа да „се силат“ на бројно помалата и (особено) воено послабата „нова“ држава. Особено што таа не се здоби со авторитативно меѓународно менторство благодарение на големите македонски политиканти од тие години – меѓу нив и еден од „важните“ претставници на оваа денешна неспособна „пајтон интелигенција“ – за кои политиката беше провинциска партија „џандар збира“ во некоја скопска биртија. А тука не го одминувам и Глигоров, разбира се, па Трајковски (кој стана претседател на држава со една разумна реченица!) итн.

Денес, ситуацијата е таква каква што е, незнаењето и неспособноста дојдоа на наплата и сметката мора да се подмири. Не заради она глупаво pacta sunt survanda туку заради фактот што историските грешки од таков формат мораат да се надоместат на еден или на друг начин, па затоа ние, ни криви ни должни, ги плаќаме денес на овој начин, а многу веројатно е дека ќе ги плаќаат и нашите деца и внуци. Дали и нивните деца, и како – останува да се види. Оптимистот би рекол „не дај боже“, но песимистот би укажал дека денешната политичка констелација кај нас и во Европа, со онаа и онаква полуинтелигентна еу (малите букви се…) и обновената – сега повеќепартитна – „студена војна“, не нуди многу подобри перспективи! Згора на тоа, поновата историска јамка околу вратот, онаа од последниве неколку години чијшто јазол самите си го врзавме, се повеќе се затега.

Она што е можеби најпоразително денес е фактот што тој јазол го затегнуваат сили и однадвор и одвнатре. Внатрешните, локалните, се поопасни зашто оставаат простор за засилен надворешен притисок и верба дека историјата, со нивна помош, навистина можат да ја направат „дефинитивна и неотповиклива“. Не е докрај јасно дали ваквите локални гласови коишто говорат за некакви „негативни конотации“ на „употребата на терминот т.н. македонско прашање“, за „флоскула“ и „штетност“ на ова „прашање“… се само одраз на неукост, неразбирање за современата генеза и аспекти на истото или се уште една нова форма на понизност кон т.н. меѓународен фактор?

Меѓутоа, историскиот суд никогаш не е конечен, уште помалку некои прашања се дефинитивни и неотповикливи. Дури ни во Универзумот нема ништо така и толку ултимативно дефинитивно, уште помалку неотповикливо за вечноста. Така мислат само незнајковци и луѓе несигурни во приказните што ги раскажуваат. А приказните со „македонското прашање“, како впрочем и со многу други слични историски прашања, не се затворени до конечното, цивилизациски праведното, морално прифатливото решение. А решенијата доаѓаат, ако не утре, тогаш денот потоа. Само тоа е сигурно и неотповикливо. Впрочем, многумина низ историјата се обидувале на некои „прашања“ да им стават свој конечен, неотповиклив печат викан крај. Меѓу нив и оној германски молер кој имаше „финално решение“ за т.н. Judenfrage, денес Израел мисли дека има конечно решение за „Палестинското прашање“ а историски атоналното трио Урсула, Каја и Марта за „Македонското прашање“ итн.

Сепак, во ваквите историски приказни поинтересни – или појасно дефинирани – се причините од последиците. Последиците, велам, се менливи, вчера беа едни, денес се други, утре ќе имаат некаква нова форма. Но причините се непроменливо стабилни затоа што лежат правливи во минатото и му говорат, му раскажуваат на оној кој сака да ги слушне. Некогаш тоа е само шепот, почесто рационално смирен говор, но многу често умее да премине и во фуриозен викот. Тие три говорни форми, колку и да се разликуваат, во самата суштина се рамноправни. И, покрај другото, говорат за два основни причински мотиви или, во случајов, за вина и стравот!

Вината, онаа ужасна и неизбришлива историска вина, е една од најсилните морални емоционални норми кај човекот. Лична или колективна – втората особено – умее да стави неизбришлив белег врз цели народи. И не случајно Јунг говори за таа колективна вина (Kollektivschuld) како за „факт за психолозите“. Или, посовременото движење Black Lives Matter коешто, во Британија, го покрена прашањето на историската вина за колонијалното минато. Затоа и американскиот писател Џејмс Болдвин вели дека „вината останува многу подлабоко вкоренета, многу посигурно сместена од насјтарото од старите дрвја“. Неопходни се векови за таа да биде подзаборавена, но никогаш кај повредениот, злоставуваниот, угнетуваниот… А во таа насока, тенденциозното локално менување на историјата, штелувањето на учебниците, перењето на мозоците на генерации и генерации… по правило не го дава очекуваното решение бидејќи вината останува запишана во други учебници и историски книги во светот, се пренесува од колено на колено ако е потребно. А во „Македонското прашање“ има многу историска вина на бројни страни, регионално и пошироко.

Од друга страна, иднината е непредвидлива, балансот на силите е менлив, па стравот дека таа вина кога-тогаш ќе дојде на наплата е еднакво голем. Затоа и тенденцијата таквите историски вини да се затвораат – „дефинитивно и неотповикливо“ – наместо отворено да се прифатат со колективно извинување. Нешто како она „Штутгардска декларација на вината“ (1945). Но стравот диригира повторно силеџиско однесување и негирање не само на историската вистина туку и современото постоење на цел еден народ, на неговото право да се нарекува како што со векови се нарекувал, да му се оспорува идентитетот, јазикот, историјата…, па и името!

Оттука, колку и да сакаат, или сакаме, тоа историско „Македонско прашање“ да е само минато, тоа само се модифицира, се осовременува, одделни сили водени од чувствата на вина и страв му додаваат нови и нови атрибути…

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини
na