ИСТОРИСКА СОРАБОТКА ВО ДУБАИ Македонија и ОАЕ потпишаа договор за модернизација на Владата

Дубаи станува нов центар за размена на експертиза, дигитални иновации и развој на владините услуги меѓу двете земји.

1,320

Владите на Македонија и на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) денес потпишаа Меморандум за разбирање за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на јавната администрација. Потпишувањето се случи за време на билатералната средба на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, со вицепремиерот и министер за надворешни работи на ОАЕ, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.

Според соопштението од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Меморандумот создава институционална рамка за систематска соработка, насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување






„Потпишувањето на овој документ отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички проекти во области од заемен интерес. Целта е зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги“, истакнаа од Министерството.

На средбата исто така се разговарало за воспоставување на директна авиолинија меѓу Скопје и ОАЕ, која би го олеснила движењето на експерти, бизнисмени и државни службеници и би придонела кон интензивирање на соработката.

„Направен е сеопфатен преглед на билатералните односи, со посебен акцент на политичката соработка, јакнењето на економските врски и зголемување на трговската размена меѓу двете земји“, се додава во соопштението.

Двете страни ја потврдиле заедничката определба за продлабочување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи, кои се очекува да придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и долгорочна соработка.

Поврзани содржини