ИСТОРИЈАТА НЕ НИ Е ЕДИНСТВЕНА МАКА СО БУГАРИЈА Да поработиме на економската и културната соработка
Ние како држава имаме свои позиции изградени во Собранието, Бугарија исто така има изградено свои позиции и во рамките на европските вредности, почитувајќи го достоинството на двете држави сметам дека може да се најде решение и да ја почнеме првата меѓувладина конференција, порача Ковачевски, додавајќи дека го очекува премиерот на Бугарија, Кирил Петков во Скопје за да разговараат околу изнаоѓање начин за решавање на проблемот.
Откако изјави дека ќе го повика на гости новиот бугарски премиер Кирил Петков, мандатарот и македонски премиер во најава, Димитар Ковачевски, на ТВ Сител рече дека историјата не може да биде единствена тема на разговор меѓу двете соседни држави.
– Со Бугарија треба да разговараме и за иднината, иднина преточена во инвестициски проекти, во инфраструктурни проекти, во економска и културна соработка. Тоа ќе ги зближи граѓаните, а ќе донесе и економски придобивки за граѓаните, преку зголемената економска соработка. Така што нормално е да разговараме на тие теми, нормално е да имаме стручни работни групи по тие теми – посочи Ковачевски.
Тие си ги имаат нивните, ние нашите позиции
Тој се осврна и на најавената временска рамка од страна на Бугарија, истакнувајќи дека решението треба да се бара преку европските вредности.
– Разговорите треба да се водат во духот на европските вредности. Ние како држава имаме свои позиции изградени во Собранието, Бугарија исто така има изградено свои позиции и во рамките на европските вредности, почитувајќи го достоинството на двете држави сметам дека може да се најде решение и да ја почнеме првата меѓувладина конференција, порача Ковачевски, додавајќи дека го очекува премиерот на Бугарија, Кирил Петков во Скопје за да разговараат околу изнаоѓање начин за решавање на проблемот.
За разлика од Заев, ќе се посветам на економијата
Ковачевски, кому утре претседателот Стево Пендаровски треба да му го додели мандатот за состав на нова влада, вечерва во гостување на ТВ Сител рече дека сè уште не го составил новиот владин кабинет за што, како што најави, ќе има разговори од утре, по што ќе го направи изборот.
– Тешко е да зборуваш за разлики. Премиерот Заев беше фокусиран на решавање на големите прашања од значење за државата, да не заборавиме дека заради тие големи и тешки одлуки што беа донесени денес сме членка на НАТО и сме на чекор до почнување преговори со ЕУ. Таа посветеност во решавањето на тие прашања остави празнина во раководењето и менаџирањето на внатрешната и економската политика во државата, односно менаџирањето на кадрите, така што јас повеќе ќе се посветам на економската и внатрешната политика во државата – рече Ковачевски.
Третина од новиот СДСМ се младите, а половина се жени
Тој, меѓу останатото, рече дека не разговарал со поранешниот претседател Бранко Црвенковски во последниот период, како и дека сите разговори за новото раководство во партијата ги водел сам. Осврнувајќи се на структурата на Извршниот одбор на СДСМ, оцени дека тоа е тимот кој ќе донесе нови успеси на СДСМ и посветено ќе работи за интересите на граѓаните.
– Во структурата на Извршниот одбор се вклучени кадри, лица од сите делови на државата. Педесет отсто се застапени жените што значи дека имаме родово балансиран извршен одбор. Младите се застапени со 33 проценти. Значи имаме еден спој на искуство, на знаење, на стручност од различни профили на професионалци, и докажани партиски другари и на млади луѓе коишто ќе дадат дополнителна енергија, порача Ковачевски, додавајќи дека очекува поддршка во работата од сите претходни раководства на партијата.
Ковачевски утре треба да го добие мандатот од претседателот Стево Пендаровски за состав на нова Влада.