Историја во куси панталони

Или мислиме дека ако не влеземе во ЕУ во наредните неколку години – а „братот“ Петков токму тоа ни го порачува – ќе нѐ снема? Ако е тоа така, ако имаме такви назнаки, тогаш „формулата“ за успех е таа: да опстанеме, по било која цена, па и најскапата! Иако никој не ја кажува таа најскапа, таа највисока цена!

534

Од времето на т.н. Моравска мисија на светите Кирил и Методиј – го земам овој период како некаков никулец не само на писменоста на овие простори туку и на културата односно цивилизацијата – до денес изминале некаде околу 1.160 години (плус-минус нешто ситно). Што се сменило?

Многу нешта, се разбира, цела една Историја, иако неговото височество Времето не ги мери овоземните работи според реалните, или „реалните“, математики на историјата. Но, она што е најочебијно сменето се чувствата за припадност, храброста и самодовербата, поимањето на себството како можен прв чекор кон идентитетот, самопочитта (дури можеби и пркосот!), концептот на постоењето и неговите наративи итн.






Кога тој милениумски историски след би можел да се прикаже како графикон, како ли би изгледал? Земајќи го спомнатиот датум како нулта точка, како би се движела линијата на развојот? Од светите браќа, преку основањето на Охридската архиепископија па до Самоил како права нагорна, потоа „стакато“ период, па Отоманскиот период во длабок минус, па Преродбата како повторен феникс но попречен од балканските и светските војни…?

Не сме сигурни, се разбира, и покрај фактот што најчесто велиме дека си ја знаеме историјата. Но таа, историјата, не е само војни, освојувачи, колежи, загуби… Дали тој голем временски распон може да се прикаже со изворни искази/сведочења, во случајов со два беседи, една од времето на светите браќа, втората неодамнешен, од Истанбул? Можеби, но не целосно, се разбира, ама доловува барем делче од времето, чувствата, размислите, што погоре ги споменав.

Едниот пример: „Не врне ли дожд од Бога еднакво за сите? А Сонцето не грее ли исто така за сите? Зарем не дишеме воздух сите еднакво? Па тогаш како не се срамите да признаете само три јазика, а сите други народи сакате да бидат слепи и глуви?“ Познавачите велат дека токму ова е репликата на Константин – подоцна Св. Кирил – во Венеција пред речиси дванаесет века, во одбрана на правото сите народи, па и Словените, на свој јазик да ја изведуваат богослужбата – откако во Моравија биле оспорувани од германските свештеници. Тие, вели историјата, ги обвинувале солунските браќа затоа што службата ја изведувале на словенски јазик, тврдејќи дека Божјото слово треба да се проповеда само на три јазици: еврејскиот, грчкиот и латинскиот.

Вториот пример вели: „Господ ни е сведок, дека колку ни е надежта голема, уште поголема е нашата полна доверба во Вашиот суд, во Вашето расудување за времето кога треба да се случи уредувањето на овие работи. Вам Ви го оставаме судот на времето, но Ве молиме – не заборавајте нѐ, помагајте ни да растеме“, порачал архиепископот г.г. Стефан на Вселенската патријаршија, само пред некој ден.

Да, веројатно прво што паѓа в очи е тонот и дикцијата на двете „беседи“. Некој ќе рече: да, ама поминале векови, нештата се суштински (глобално) изменети, тоа е нормално. Да, но ние одамна – нема да кажам никогаш – не знаеме баш што е тоа нормално, нели? И не мислиме ли дека нормалното, барем во дваесет и првиот век, би требало да изгледа, и звучи, малку поинаку? Приближно онака како зборовите на Константин? И дека Човекот на овој век нема зошто да моли, возрасен а допрва да расте, да питачи милост (да не речам милостина)…?

На крај памет не ми е да се мешам во црковните работи, и канони, и правила… но овие две „беседи“ се само еден можен пример, една паралела за нашата милениумска позиција во светот. Нашето најново „испишување на историјата“, по којзнае кој пат, ме потсетува дека историјата всушност не ја пишуваме ние туку историјата нѐ пишува нас. И дека за нас секогаш има(ло) некој Папа или вселенски патријарх, некој Макрон или Шолц, некое НАТО или Русија… кому ние мораме да се поклониме, често и да коленичиме. Дали, повторно, малите умови во „малите“ култури , дури и денес, се измеќарите на светот? Денес повеќе од кога и да е?

Се разбира дека извлекувањето на онакви праволиниски паралели од деветиот до дваесет и првиот век наликуваат на некаква историја во куси панталони. Ама тоа не е баш така, историјата, онаа вистинската, и историчарите и антрополозите, оние вистинските, размислуваат во такви формати, во такви дијапазони. Ене ви ги Харари, Хантингтон, Билингтон, Фрејзер, Илијаде…! Па и уметниците, ако баш сакате: еден Бертолучи во „20-отвек“, Михалков, Пикасо… па и еден Чемерски во мозаиците во Кочани, Мазев во Спомен костурницата во Велес. Македонската историја и политика – не. Ние/тие с(м)е тука од денес за денес, не знаеме ни што ќе (ни) се случи утре. Малоста како да ни е веќе генетски всадена, како и измеќарството. Ние сме, всушност, оние во кусите панталони. И уште ни се скусуваат, веќе три децении.

Каде сме биле, каде сме сега? Можам, ако е баш неопходно, наместо спомнатите беседи, да цитирам и политички говори, на пример на еден Апостолски, Црвенковски, Колишевски… и истите да ги компарираме со сегашните бедни флоскули на денешниве политиканти. Или, можеме да се вратиме и малку поназад во времето, во епохата на Мисирков, на пример, или на Миладиновци, па и на Рацин ако е неопходно, на Конески, Петре М. Андреевски, па дури и Горан Стефановски.

Но, со кого би ги компарирале, со кого? Дали ние навистина веруваме во онаа средновековна „поука“ дека задачата на политиката на една мала земја во меѓународното општество на држави е да опстане и дека тоа е некаков стандард, или мерка, за успех во светската политика? И што воопшто значи во еден таков контекст поимот „опстанување“, што тој подразбира? Некаква форма на егзистенција? Па нели „опстанувавме“ и под „пусто турско“ толку векови, што ни требаа оние востанија во коишто гинеа толку луѓе, особено оној Илинден 1903? Па ние, ако баш сакате, ќе „опстанувавме“ и под четиригодишноно бугарско (кое не се случило, нели), ама некому не му беше баш по волја па заминуваше во партизани?

И, не можам а да не го кажам и тоа: ние „опстанувавме“ и во оној демократски мрак 2006-2017 година! И? Зошто ни требаше онаа „Шарена револуција“ и што таа всушност ни донесе? Само друга форма на „опстанување“ или требаше да донесе нешто многу повеќе?

Зашто, ако гледате суштински, опстанувањето е само задоволување на некаков биолошки закон, некакво елементарно одржување во живот. Тоа ли го сакаме и денес? Или мислиме дека ако не влеземе во ЕУ во наредните неколку години – а „братот“ Петков токму тоа ни го порачува – ќе нѐ снема? Ако е тоа така, ако имаме такви назнаки, тогаш „формулата“ за успех е таа: да опстанеме, по било која цена, па и најскапата! Иако никој не ја кажува таа најскапа, таа највисока цена!

Но, впрочем, некои делови од истата веќе одамна почнавме да ги распродаваме. А сепак, мора да бидеме на јасно: дали ние всушност говориме за survival? За онаа ситуација кога животното фатено во стапица си го одгризува екстремитетот само за да преживее? Но и екстремитетите се броени, речиси сите ги одгризавме. Како и панталоните!

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини