ИСТО КАКО НИЕ ДА КАЖЕМЕ ФИЛИПЧЕ Е РОДНИНА НА ШТЕКЛИ, ПА ДАЛИ ЗАЕДНО ДИЛАЛЕ ДРОГА Дали парите што Томовски сега ги заштедува оделе кај Заев, Зечевиќ и Ковачевски?

Го прашуваме Пеце Мирчевски, екс директорот на СОЗР, каде оделе половина милион евра годишно или за 6 години 3 милиони евра, кои сега Томовски ги заштедува? Дали е точно дека завршувале кај тандемот Зечевиќ - Ковачевски, претходно кај Заев, а дел во партиската каса?, реагира ВМРО-ДПМНЕ. 

1,421

СДСM се фатени живи, штитат бизнис интереси, вредни пола милион евра годишно, а валкањето имиња со криминалци е опсесија на Филипче и тоа е исто како да кажеме дека Филипче, Штекли и Шеваљ дилаат дрога, реагираше денеска владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

„СДСМ бранат криминал и го напаѓаат Томовски, затоа што заштедил на државата пола милион евра. СДСМ се фатени живи, штитат бизнис интереси вредни пола милион евра годишно. Споменатото лице не е роднина на Томовски. Што се однесува до споменувањето на некои лица кои се поврзани наводно со криминал, а се доведени во конотација со Томовски, тоа е исто како ние да кажеме дека на Филипче роднина е Раде Штекли и зошто го штител, и дали заедно дилале дрога“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ по обвинувањата од СДСМ.






Но, очигледно, се додава во реакцијата, за СДСМ не е проблем да продолжат како досега да лажат и да штитат криминалци.

„За разлика од СДСМ, ние не шпекулираме, туку се служиме со факти и прашуваме. Го прашуваме Пеце Мирчевски, екс директорот на СОЗР, каде оделе половина милион евра годишно или за 6 години 3 милиони евра, кои сега Томовски ги заштедува? Дали е точно дека завршувале кај тандемот Зечевиќ – Ковачевски, претходно кај Заев, а дел во партиската каса?“, прашува ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ деновиве го обвини директорот на СОЗР, Томовски дека склучил тендер од 3,5 милиони евра со фирмата „Праеториан“ во која има роднини. Томовски негираше дека има роднини во фирмата.

Организацискиот секретар на СДСМ, Мартин Костовски денеска на прес-конференција рече дека тие роднини се криминалци и  побара од надлежните да отворат истрага за случајот и да го разрешат Томовски од функцијата.

– Дали лицето Дарко Гашиќ, негов роднина, кој има регистрирано фирма на иста адреса со подружницата на „Праеториан ДООЕЛ“ во Охрид, имал проблеми со законите во соседна Србија? Дали неговиот роднина, Дарко Гашиќ бил уапсен во Србија, заедно со уште 9 други лица, осомничени дека извршиле убиство? Дали Гашиќ, викан Праки, учествувал во крвава пресметка меѓу две криминални банди во Белгард на 10 ноември 2008 година, која резултирала со двајца загинати – праша Костовски.

Тој изнесе податоци и за, како што рече, уште скандал, поврзан со Томовски.

– Дали неговиот роднина Власе Танаскоски, кој ја раководи подружницата на „Праеториан ДООЕЛ“ во Охрид лежел во затвор во Албанија заради трговија со дрога? Дали овие денови во Калишта Танаскоски организирал ручек на којшто присуствувал и министерот Панче Тошковски? И конечно, дали е ова обид за создавање на нова СГС агенција на ВМРО-ДПМНЕ каде со партиски рекетари и бандити ќе се контролираат држаните институции и ќе се перат пари? Исто како во време на режимот – истакна поранешниот пратеник.

Според договорот, фирмата „Праеториан“ од Скопје заедно со „Фил-руж“ од Свети Николе ќе врши „физичко, техничко и патролно обезбедување на објекти на државната управа“ во следните три години, за сума од 187 милиони денари или околу 3 милиони евра. Тендерот е спроведен од владината Служба за општи и заеднички работи. Одлуката за избор на најповолен понудувач е донесена на 23 декември 2024 година, а во меѓувреме е потпишан и договорот.

Поврзани содржини