ИСТОРИЈАТА БЕШЕ ГЛАСНА, НО ИДНИНАТА МОРА ДА БИДЕ ЈАСНА Албанскиот претседател Бегај на средби со државниот врв се заложи за поголема економска собаботка
Да ја продлабочиме нашата економска соработка, да ја зацврстиме координацијата во НАТО, да градиме инфраструктура, образование и култура. Заедно да го заштитиме Охридското Езеро како наследство за идните генерации, рече Бегај во обраќањето пред пратениците во Собранието.
Регионалната соработка е клучен елемент за приближување кон Европската Унија. Европската интеграција не е само цел на Албанија, туку е заеднички проект и стратешка насока за развој. Нашите држави заслужуваат поголема поддршка на патот кон евроинтеграциите, затоа што членството не е само природен процес, туку заслужен процес од кој корист ќе имаат и регионот и ЕУ, порача денеска пред пратениците во Собранието албанскиот претседател Бајрам Бегај кој е во официјална посета на Македонија.
– Европа не е само дестинација – тоа е стандард. Тоа е владеење на правото, функционални институции и еднаквост за сите граѓани. Северна Македонија има преземено тешки решенија и Албанија ве поддржува без никакви пречки. Отворените прашања со соседите и историските дебати влијаат врз довербата, но веруваме дека решението е во дијалогот и во договорите за реформи. И Албанците и Македонците знаат дека на Балканот се произведува повеќе политика отколку што може да се консумира. Знаеме дека на Балканот историјата била често многу гласна. Но, иднината мора да биде појасна и поблагодарна. Соседството не е само географска реалност. Сè што ќе се случи на меѓународен план, Албанија и Северна Македонија ќе останат соседи. Географијата не се менува, но квалитетот на нашите односи зависи од нас. Не станува збор колку сме блиску, туку колку сме силни заедно и соработуваме, координираме и колку визионери ќе бидеме – рече Бегај.
„Да бидеме пример во регионот“
Албанскиот претседател потенцира дека е дојдено време да одиме заедно кон интегриран, поконкурентен и поправеден регион.
– Да ја продлабочиме нашата економска соработка, да ја зацврстиме координацијата во НАТО, да градиме инфраструктура, образование и култура. Заедно да го заштитиме Охридското Езеро како наследство за идните генерации. Да создадеме повеќе можности за младите и да градат иднина во нашите земји. Да вложуваме во човечките односи, за нашата врска да биде пример за регионот како од недоразбирања создадовме партнерство. Време е да одиме заедно кон интегриран, поконкурентен и поправеден регион. Во ѕидовите на ова на Собранието чука срцето на мултиетничка држава. Албанија ќе биде тука, не само како сосед, како економски партнер, не само како сојузник во НАТО, туку како поддржувач кој верува во вашиот модел и нашата заедничка евроатлантска иднина. Да работиме за нашите деца да растат во регион каде границите се само административни показатели на мапата и каде иднината е една, во европското семејство – рече тој.
Бегај нагласи дека членството во НАТО ја гарантира нашата безбедност, но бара и активен придонес.
– Албанија и Северна Македонија учествуваат во мисии и заедно споделуваат тежина за заштита, токму во момент кога безбедноста е под прашалник. Заштитата на критичната инфраструктура и енергетската координација се конкретни прашања каде мора да се заснова нашата блиска соработка. Албанија има неколку проекти со НАТО кои ја засегаат и регионалната безбедност. Догодина ќе се одржи самитот на НАТО во Албанија. Република Албанија ја поддржува Република Косово за нејзино членство во меѓународните организации. Не е праведно што Косово остана надвор од евроатлантските процеси. Албанија ја цени Северна Македонија за соработката со Косово, за поддршката, за тоа што бевте меѓу првите кои ја признаа неговата независност. Ова е инвестиција во безбедноста на целиот регион – рече Бегај.
Македонија е главен фактор за мирот
Нагласи дека е дојден во Скопје да реафирмира еден факт – дека односот меѓу нашите две земји е изграден врз совесен политички избор и врз основа на убедувањето дека нашата стабилност е заедничка.
– Ние соработувавме, надминувајќи ги сите пречки, но нашите односи имаат позитивно влијание и на регионот. За Албанија, Северна Македонија е главен фактор во зачувувањето на мирот, безбедноста и меѓуетничката кохезија. Република Албанија беше првата држава што ја призна, и една од првите што го ратификуваше договорот за членство на Република Северна Македонија во НАТО. Кога економската изолација беше ризик за државата, тогаш пристаништето во Драч беше отворен за вас. Историјата на нашите држави покажува успех изграден врз основа на градење на мостови за комуникации, вредности и заеднички интереси. Како земји членки на НАТО, заедно патуваме кон членството во Европската Унија. Ние сме држави со стабилна прозападна ориентација и земји кои силно соработуваме со САД. Надминавме многу предизвици и учевме од заедничките искуства – рече тој.
Денес нашите односи се стабилни, но, како што потенцира албанскиот претседател, тоа не е доволно, и нагласи дека тоа треба да се претвори во посилна економија и подобра благосостојба за нашите граѓани.
Истакна дека Коридорот 8 е интегрален регионален проект кој ја поставува Македонија и Албанија во срцето на една стратешка оска.
„Албанското прашање е решено правично“
Бегај истакна дека Албанија смета дека правичното и рамноправното решавање на албанското прашање, како и употребата на албанскиот јазик, се клучни за стабилноста и перспективата на земјата.
– Охридскиот рамковен договор докажува дека дијалогот може да ја победи кризата – колку и да е длабока. Албанија го цени Охридскиот договор како историско постигнување. Вие сте дел од Собрание што создаде историја и стана модел за други држави – рече тој.
Бегај на средби со Мицкоски и со Сиљановска Давкова
Претседателот на Албанија денеска се сретна со премиерот Христијан Мицкоски на која разговарале за зајакнување на билатералните односи, унапредување на регионалната соработка и за заедничките евроинтеграциски процеси.
На средбата, како што објави Мицкоски на Фејсбук, била истакната важноста од одржување на стабилноста и продлабочување на партнерството меѓу двете земји во интерес на нашите граѓани.
Бегај денеска беше пречекан и од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
– Македонија и Албанија имаат одлични билатерални односи и соработка, а дијалогот е заснован на отвореност и разбирање. Меѓу двете земји нема отворени прашања, што е дополнителен импулс во унапредувањето на соработката. Одличните пријателски односи се градат само врз меѓусебна почит, доверба, партнерство и заедничка визија за европската иднина. Членството во ЕУ не е само државна или национална цел на двете земји, туку заеднички проект и стремеж за целиот регион и нема поголема инвестиција во стабилноста на Западен Балкан од членството во ЕУ – порачаа Сиљановска Давкова и Бегај.

– Кога немате отворени прашања, имате основ за соработка во сите области. Уште еднаш, денеска, и покрај напредокот, потенциравме дека има простор за зголемување на трговската размена и за инвестициите. Има неискористен материјал меѓу бизнис-заедниците. Треба да се валоризира. Потребна е натамошна инфраструктурна заедничка активност и поврзаност – рече претседателката на заедничката прес-конференција.
Една од главните теми на кои разговарале со Бегај била и онаа поврзана со европската перспектива, која, како што рече претседателката, е поблиска за Албанија.
– Јас при секоја средба изразувам задоволство од чекорењето на Црна Гора и Албанија, во кои гледам европски чекори и за целиот Западен Балкан. Се разбира дека цврсто сме определени за членство во ЕУ – рече Сиљановска Давкова.
Албанскиот претседател рече дека за повеќето прашања за кои разговараат на средбите се согласуваат и оти така треба да постапуваат две соседни држави, како земји партнери со доверба и земји сојузници во НАТО.
– Нагласивме и дека односите помеѓу нашите земји претставуваат пример за регионалната соработка и дека нашите две земји продолжуваат да бидат решителни уште повеќе да ги продлабочат овие нивоа на соработка – рече Бегај.
Тој се осврна на улогата на македонското мацинство во Албанија и на Албанците во Македонија и смета дека тие се мост за создавање врски меѓу двете земји.
Гаши очекува уште поцврста соработка
И претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска се сретна со претседателот на Албанија.
Гаши истакнал дека очекува пријателството и соработката што постои меѓу две земји во иднина уште повеќе да се зајакнува и унапредува.

Тој изразил очекување и надеж дека две држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција затоа што тоа е многу важно не само за Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот од Западниот Балкан.
Претседателот Бегај истакнал дека двете пријателски земји делат исти вредности, визии и предизвици и се пример за соработка во регионот. Потенцирал дека е подобрена соработка во многу сфери од заеднички интерес што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави.