ПРИВЕДЕН КРАДЕЦ ОД ОХРИД – Поради постоење основи на сомнение за сторени четири кривични дела „тешка кражба“ и пет дела „тешка кражба во обид“, СВР Охрид поднесе кривична пријава против Ј.Н.(33) од Охрид. Тој, тешките кражби ги извршил во периодот септември-октомври 2020 година, насилно влегувајќи во куќи во Охрид. Притоа, одземал златен накит, мобилни телефони и други вредни предмети, со што, се стекнал со противправна имотна корист од околу 200.000 денари.
ЧУВАЛ КУРШУМИ ДОМА – ОВР Струга поднесе кривична пријава против Б.И.(37) од Струга, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. При претрес во неговиот дом во Струга, извршен на 13.02.2020, полициски службеници пронајдоа и одзедоа 10 куршуми различен калибар и 16 ловни патрони, кои нелегално ги поседувал.
ДРОГА ВО ЗАТВОРОТ – На 20.10.2020 во 11.17 часот во СВР Штип, од Казнено-поправната установа Затвор Штип било пријавено дека во затворот била пронајдена прашкаста материја. Полициски службеници од СВР Штип извршиле увид на местото, при што во пакет наменет за осуденото лице Р.А.(34) од Куманово била пронајдена прашкастата материја, која е одземена и предадена за вештачење. По комплетирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
ПОВРЕДЕНА МАЛОЛЕТНИЧКА – На 20.10.2020 во 17.15 часот било пријавено дека во Свети Николе на ул„Маршал Тито“ се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „лада нива“, со светиниколски регистарски ознаки, со приклучно возило-лесна приколка, управувано од Б.Б.(35) од Свети Николе и мопед „априлија“, со штипски регистарски ознаки, управуван од малолетничка од Свети Николе. Во незгодата малолетничката се здобила со тешки телесни повреди, констатирани во Јавната здравствена установа Свети Николе. Извршен бил увид на местото на незгодата од увидна екипа од Полициската станица Свети Николе.
ЕДНО КУЧЕ, ДВАЈЦА ГРИЗНАТИ – На 20.10 2020 во 15.25 часот во Полициската станица Пробиштип, Д.А.(51) од с.Сарамзалино –Лозово, пријавил дека неговото дете околу 14.50 часот на ул.„Јане Сандански“ во Пробиштип било каснато од куче, сопственост на С.В.(52) од Пробиштип. Истиот ден, во 15.05 часот и В.А.(52) од Пробиштип пријавила дека била касната од куче, сопственост на С.В. Против С.В. ќе биде поднесена соодветна пријава.
ВЕЛОИСПЕДИСТ И МОТОЦИКЛИСТ СЕ СУДРИЛЕ – На 20.10.2020 во 14.30 часот во с.Калаузлија, радовишко, се случила сообраќајна незгода во која учествувале С.М. (27) од с.Калаузлија, управувајќи мотоцикл „скудо 125“, и велосипед управуван од малолетник. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил велосипедистот, констатирани во Здравен дом Радовиш, а увид на местото на незгодата извршила екипа на Полициска станица Радовиш.
КРАЖБА СО ВЕСПА – На 20.10.2020 во 10.33 часот К.М.(64) од Скопје, пријавил дека околу 09.00 часот на улица на подрачјето на Центар, едно лице кое дошло со веспа, му одзело пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
ОПОЖАРЕНИ ВОЗИЛА – На 21.10.2020 во 01.43 часот било пријавено дека во Битола на ул.„Сисак“, настанал пожар во гаража од куќа, сопственост на С.Х.(57) од Битола, при што биле опожарени две патнички возила „опел корса“ и „шерволет спарк“, со битолски регистарски ознаки и мопед, сите сопственост на С.Х. Повредени лица нема, а пожарот бил локализиран од Територијалната противпожарна единица Битола. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Битола.
ШТИПЈАНКАТА СЕ ВРАТИ ДОМА – На 20.10.2020 била пронајдена В.М.(39) од Штип за која на 25.09.2020 било пријавено дека се оддалечила од домот.
ИСЧЕЗНАТА ДЕВОЈКА – На 20.10.2020 година во 21.30 часот во Полициска станица Гази Баба А.А.(49) од с.Страчинци пријавил дека од домот се оддалечила неговата ќерка А.З. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
НАПАДНАТИ ТАТКО И СИН – На 20.10.2020 во 23.50 часот А.Т.(42) од Скопје пријавил дека околу 18.40 часот на подрачјето на Центар тој и неговиот син биле физички нападнати од неколку лица. Се работи на расчистување на случајот.
КРИВИЧНА ЗА ОХРИЃАНЕЦ – СВР Охрид поднесе кривична пријава против Н.Ј.(36) од Охрид, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „разбојничка кражба“, за сторени три кривични дела „тешка кражба“ и „тешка кражба во обид“. На 19.08.2020 во Охрид, на ул.„Прва македонска ударна бригада“, пријавениот одзел накит, а на оштетената ѝ се заканил со употреба на физичка сила и пиштол. Додека во периодот од 07.07.2020 до 09.09.2020 во Охрид на ул.„Ристо Чадо“, ул.„Момчило Јорданоски“ и ул.„Сирма Војвода“, пријавениот одземал пари и накит.
ДИЛЕР „ПАДНА“ ВО РАДОВИШ – ОВР Радовиш поднесе кривична пријава против В.Х. од Радовиш, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 16.10.2020 во Радовиш, на ул.„Самоилова“, во домот на И.Х., татко на пријавениот, од полициски службеници, при извршен претрес, биле пронајдени и одземени марихуана, дигитална вага и поголем износ на парични средства, за кои што постои основано сомнение дека потекнуваат од продажба на марихуана.
ИСЧЕЗНАТА МАЛОЛЕТНИЧКА – На 20.10.2020 во 21.30 часот во Полициска станица Гази Баба, А.А.(42) од с.Сингелиќ пријавил дека од домот се оддалечила неговата ќерка А.А.(14). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
ЈА ЗЛОУПОТРЕБИЛ ПОЛОЖБАТА – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Свети Николе поднесена кривична пријава против Г.В. (41) од Лозово, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. Во текот на јули 2020, пријавениот, додека бил директор на училиште во Лозово, без да донесе Одлука и да наложи на Комисијата за јавни набавки на училиштето да спроведе јавна набавка за купување униформа на учениците, го прифатил изборот на Советот на родители за најповолен понудувач, откако претходно прибрал понуди од пет оператори и средствата од државниот буџет во износ од 164.492 денари префрлени од Општина Лозово, ги исплатил на правно лице од Свети Николе.
КРИВИЧНА ЗА ДЕБРАНЕЦ – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Дебар поднесе кривична пријава против С.С.(42) од Дебар, кој живее и работи во САД, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „измама при добивање кредит или друга погодност“. На 04.05.2016 пријавениот до Отсек за управни работи Дебар при СВР Охрид, со намера да ја искористи поволноста за увоз и прва регистрација на возило која ја имаат македонските државјани кои се враќаат од странство, во смисла на чл.24. ст.1 т.4 од Законот за возила, доставил барање за добивање уверение за живеалиште со прилог изјава, во која внел невистинити податоци дека се вратил од САД и живее во Дебар, иако сѐ уште престојувал во САД. Притоа, врз основа на дадената изјава, од страна на отсекот му била издадена потврда со која се потврдува дека на 12.01.2014 бил пријавен дека се вратил од САД во Република Северна Македонија. Пријавениот потврдата ја приложил во постапка за идентификација и хомологација на патничко возило „фолксваген пасат“, а потоа го регистрирал Дебар, добил собраќајна дозвола и регистарски ознаки.
ИСТЕПАНИ ПОЛИЦАЈЦИ – На 20.10.2020 во 20.30 часот во Скопје на ул.„Ѓорче Петров“ патничко возило „ауди“, со скопски регистарски ознаки, управувано од А.А.(26) од с.Кондово, не застанало на даден знак и со возилото удрило полициски службеник, кој преземал службени дејства. По преземени мерки од полициски службеници А.А. бил пронајден. Според пријавеното, потоа повеќе лица физички нападнале полициски службеници. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
(ДЕЛ ОД БИЛТЕНОТ НА МВР ОД 21.10.2020)