ИСПРАЌАЛ ЕКСПЛИЦИТНИ ПОРАКИ НА МАЛОЛЕТНИЧКА Приведен 51-годишен охриѓанец, вознемирувал 17-годишно девојче
Охриѓанец (51) приведен поради испраќање недолични пораки и фотографии на 17-годишно девојче, кај него пронајдени телефон и ловечка пушка.
Полицијата во Охрид приведе 51-годишен маж од градот, осомничен за испраќање пораки и фотографии со недолична содржина на 17-годишно девојче.
„На 24 август 2025 година околу 22 часот, полициски службеници од СВР Охрид го лишија од слобода Т.Т. (51) од Охрид. Тој се сомничи дека од април оваа година, преку апликација на социјална мрежа, во повеќе наврати испраќал недолични пораки и фотографии на малолетничка, како и дека барал од неа да му испраќа фотографии со експлицитна содржина“, информираа од МВР.
По наредба на суд бил извршен претрес во неговиот дом, при што биле пронајдени и одземени мобилен телефон и ловечка пушка „Застава“ со калибар 12 мм. Лицето било задржано во полициската станица и во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.