Исповед на нова жртва на Алексиќ: Ме силуваше секој вторник, секој оброк го повраќав
Кога се запишала на факултет, поканила на кафе две девојки од групата и им раскажала сè, сакајќи да ги предупреди.
Анонимна 20-годишна девојка сведочи со досега најшокантни детали од злоставувањето што го доживеала од српскиот професор по глума Мика Алексиќ.
– Кога првпат ме однесе во канцеларијата, две недели по мојот 18 роденден, се сеќавам дека зборуваше на еден час за самодовербата на жените и за фаталните жени. Тој велеше дека не постои самодоверба на жената што ветерот не може да ја однесе, треба само да штракнеш со прстите и жената ќе падне. Цело време ме гледаше во очи. Токму поради него самодовербата ми беше нула, но не бев ни свесна. Го гледав со воодушевување! Си мислев како тој знае сè и како гледа на сè! Тој ме процени и ме однесе во канцеларијата, каде ми рече дека ќе работиме на мојата самодоверба и дека тој ќе ми помогне. Тој е многу интелигентна личност, многу паметен човек кој подготвувал совршено злосторство. Кога започна, повраќав, изгубив 11 килограми. Се „исушив“. Не повраќав само по часовите, се случуваше и преку ден. Секој оброк го повраќав – рекла девојката за „Блиц“.
Нејзините пријатели забележале дека се повлекува во себе, престанала да излегува и да се дружи. Често плачела. Раскинала со дечкото. Знаела дека тоа што ѝ се случува не е добро, но не можела ништо да стори.
– Кога ќе се случеше тоа, по 10 пати се туширав. Без претерување, 10 пати. Знаев дека не е нормално некој на возраст од 66-67 години да ме допира, беше одвратно, но сепак не се ни посомневав дека има какви било намери што не беа педагошки и за мое добро. Тоа е тој болен страв, не можете да го разочарате, воопшто не! Се враќав на неговите часови, бидејќи се плашев тој да не помисли дека не сум дошла поради тоа – рекла девојката.
Таа вели дека сè уште „мириса“ на Алексиќ и дека понекогаш ѝ се причинува дека го гледа на улица, иако не го видела скоро две години.
Девојката тврди дека силувањето се повторувало скоро секој вторник седум месеци.
– Понекогаш ќе пропушташе еден или два вторници и мислев дека престанал и сè ќе биде како што треба. И потоа повторно ќе ме повикаше во канцеларија – вели таа.
На последниот час по глума се договорила со нејзините пријателки да се појават пред крајот на часот и на тој начин да спречат Алексиќ да ја однесе во канцеларија.
– Така и се случи. Тоа беше мојата последна средба со Мика. Летнав по скалите од училиштето до „Кнез Михајлова“ и повторно повратив. Беше еден вид олеснување измешано со страв, бидејќи се плашев дека може повторно да продолжи, дека ќе успее да ме собере и дури и кога веќе не одев повеќе во студиото – вели анонимната девојка.
Сепак, еден ден, на случајна средба во кафуле со другарки и колешки, кои знаеле што се случува се расплакала и сѐ им раскажала.
– Морав да им кажам затоа што знаев дека нема да можат да му кажат „не“. Им реков: или да се откажат од групата и да се запишат кај друг професор, бидејќи се талентирани и вредни, или воопшто да не се запишат на глума, за да не мора да одат на подготовки. Добро се чувствувам затоа што ги спречив да го преживеат истото – вели девојката.