Исплатени 27 филмски проекти, се бара чаре за независните филмски работници
Во таа насока за понатамошна помош формирана е комисија од ДФРМ и Агенцијата за филм која ќе работи на изнаоѓање на правна рамка и разгледување на барањата и можноста за директен надоместок на филмските работници.
Во овие исклучително тешки времиња предизвикани од борбата со Kовид-19 која пред се претставува директна закана за јавното здравје на граѓаните на нашата земја, за жал се случува и голема економска криза, која катастрофално веќе се одрази на филмската дејност. Директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија во рамките на своите надлежности презеде мерки за помош на независните филмски работници (фриленсери) и продуцентските куќи, соопшти Агенцијата за филм.
– По препораките на Владата и сите релевантни европски институции кои апелираат за итна помош на филмот, во договор со претседателот на Друштвото на филмските работници, Игор Иванов, а по конструктивната средба со министерот за култура, Хусни Исмаили во рамките на своите законски овластувања, Агенцијата за филм, од средствата од годишниот буџет, пристапи кон исплаќање на веќе започнатите филмски проекти кои се во поодмината фаза на реализација односно оние кои се завршени или се пред завршување. Спроведувајќи ја оваа мерка Агенцијата за филм во изминативе два работни дена исплати вкупно 27 филмски проекти – велат од Агенцијата.
Од таму информираат дека заради светската пандемија предизвикана од коронавирусот откажани се сите филмски снимања, а воедно се откажани и сите копродукции кои биле планирани, како и Канскиот фестивал. Стопирањето на сите активности во филмската сфера ја доведуваат под голем знак на прашалник финасиската состојба на независните филмски работници, како категорија на граѓани кои немаат постојано вработување и се директно зависни од од активностите на независните продуценти чии проекти се финансирани од страна на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.
– Во таа насока за понатамошна помош формирана е комисија од ДФРМ и Агенцијата за филм која ќе работи на изнаоѓање на правна рамка и разгледување на барањата и можноста за директен надоместок на филмските работници. Ова е само прва итна мерка, а во зависност од времетраењето на оваа голема криза Агенцијата за филм во соработка со ДФРМ, со сите свои сили ќе работи на изнаоѓање и на други мерки со кои ќе им се овозможи директна материјална помош на филмските работници – велат од Агенцијата.