ИСПЛАТАТА ЗА 400 ПОЖАРНИКАРИ Е ВО ТЕК, А СДСМ ЛАЖЕ Владата демантира дека изборите ги сопреле платите на времено ангажираните пожарникари
Исплатата на платите и изборите немаат никаква поврзаност затоа што средствата се обезбедени и не станува збор за никакво вонредно плаќање - документацијата за исплата ќе биде испратена до Центрите за вработување, по што ќе следи и исплатата, се вели во демантот од Владата на обвинувањата од СДСМ.
СДСМ продолжува да го злоупотребува своето медиумско време за да манипулира со фактите и да шири лаги, мерката за 400 пожарникари е уште една во низата бескрупулозни политички напади. Наместо да се посветат на вистината, тие повторно се обидуваат да создадат хаос и да ја манипулираат јавноста со неточни информации, се вели во демантот од Владата на обвинувањата од СДСМ дека не се врши исплатата на пожарникарите кои беа ангажирани летово.
„Фактите се едноставни и непобитни, ова е првпат во историјата на нашата држава да се имплементира мерка за вработување која целосно ги искористува расположливите ресурси, со цел да се заштитат граѓаните од природни катастрофи и да се подобри животната средина. Што се однесува до исплатата на учесниците за оваа мерка, која е наведена како 6.2 во оперативниот план и е наменета за заштита од пожари, апсолутно нема никаква поврзаност помеѓу распишувањето на локалните избори и исплатата на средствата, од причина што средствата се обезбедени и не станува збор за никакво вонредно плаќање! За лицата кои се вклучени во оваа мерка, а кои беа ангажирани на 8.8.2025 година, документацијата (извештајот за редовност) за исплата од страна на организаторот е веќе во тек и ќе биде испратена до Центрите за вработување, по што ќе следи и исплатата“, се вели во демантот од Владата.
За разлика од СДСМ, ние работиме отчетно и транспарентно, се додава во соопштението.
„Нашата работа продолжува да биде фокусирана на интересот на граѓаните, додека тие се заглавени во манипулации и измислици. Ние сме тука да носиме конкретни решенија, додека опозицијата ќе продолжи да лаже и да се обидува да го наруши јавниот мир со невистинити приказни. Не им дозволуваме да ја кријат вистината, а сите обиди за политички саботажи нема да ја засенат посветеноста на оваа Влада да работи за подобар живот за сите граѓани затоа што факти не се рушат со лага“, соопшти Владата.
Портаролката на СДСМ, Богданка Кузевска денеска ја обвини власта дека сите активности за пожарите ги сведува на лажен пиар и манипулации.
– Пред неколку месеци, власта најави ангажирање на 400 пожарникари преку општините, со месечен надоместок од 24.000 денари. Им ветија обуки, ангажман, а на најдобрите и трајно вработување. Се спроведе селекција, се направи избор, се анжараа. Поминаа месеци. И што се случува со овие 400 пожарникари по општините? Според информациите кои до нас ги доставија свиркачи, сите тие 400 млади луѓе што беа примени во август заклучно со 17 септември сè уште немаат земено ниту една плата! Извори во различни општини информираат дека исплатата е блокирана и не може да се реализира поради изборите, бидејќи станува збор за „вонредно плаќање“. Јавно го прашуваме премиерот Мицкоски дали е ова точно? Ако е се потврди, ова значи дека владата на ВМРО-ДПМНЕ свесно ги излажала граѓаните, свесно ги излажала овие млади луѓе. Ги искористила за политичка реклама, а потоа ги оставила без денар. А граѓаните без потребната заштита. Срамно и понижувачко – рече Кузевска.