ИСКРШЕНО СТАКЛО НА ВРАТАТА НА БУГАРСКАТА АМБАСАДА ВО СКОПЈЕ Софија го нарече напад и бара да се најде сторителот
Министерството за надворешни работи на Бугарија соопшти дека непознато лице извршило „напад врз бугарската амбасада во Скопје денеска“, 11 јануари. Според фотографиите од МНР на Бугарија, станува збор за скршено стакло на влезната врата.
Снимките од видео-надзорот поставен на објектот на Бугарската амбасада во Скопје го документирале моментот на оштетување на стаклото од влезната врата на дипломатското претставништво.
Министерството за внатрешни работи на Македонија информираше дека денеска, 11 јануари 2026 година, во 15:55 часот, во СВР Скопје бил пријавен инцидент во објектот на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
Според МВР, пријавата била доставена од Одделот за обезбедување на определени личности и објекти при МВР, откако офицерот за безбедност на амбасадата, преку системот за видео-надзор, забележал дека едно лице оштетило стакло на влезната врата од дипломатското претставништво. Според досега утврденото, оштетувањето го извршило засега непознато лице, кое со удар со рака го оштетило стаклото од влезната врата, велат од МВР.
Од Министерството наведуваат дека веднаш се преземени мерки и активности за целосно расчистување на случајот, при што се работи на утврдување на идентитетот на сторителот и на сите околности поврзани со настанот.
Бугарското МНР вели дека овој чин е недозволив напад врз статусот на дипломатското претставништво и претставува грубо кршење на Виенската конвенција за дипломатски односи.
„Изразуваме длабока загриженост дека ваквото дрско дело е резултат на системскиот недостиг на реакција од страна на надлежните институции во Република Северна Македонија при претходни напади и вандалски чинови врз објекти поврзани со Бугарија и бугарската заедница“, се наведува во соопштението од Софија.
Бугарското министерство упати барање до македонските власти веднаш да ги преземат сите потребни активности за да го идентификуваат сторителот и да го изведат пред лицето на правдата за да сноси целосна кривична одговорност. Софија бара гаранции за безбедноста на бугарските дипломатски и конзуларни претставништва во земјава, како и за нивниот персонал и имот.