ИСКРИ ЛЕТААТ МЕЃУ БЕРЛИН И ВАШИНГТОН Според Мерц, потезите на Трамп во Иран се опасна ескалација со неизвесен исход
Фридрих, канцеларот на Германија, рече „ова не е наша војна“, ама и во Украина не е војна на САД, но ние им помагаме на Украинците, изјави претседателот на САД, Доналд Трамп.
Размената на реплики меѓу Берлин и Вашингтон се заостри во последните денови.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц упати остри критики до американскиот претседател Доналд Трамп, оценувајќи дека неговите постапки во врска со конфликтот во Иран претставуваат „огромна ескалација“, а не обид за мир.
На конференцијата на весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, Мерц изрази сомнеж дека целта на Вашингтон е промена на режимот во Техеран.
– Она што Трамп го прави во моментов не е наоѓање мирно решение, туку ескалација со неизвесен исход. Ако целта е смена на режимот, не верувам дека ќе ја постигнат, бидејќи таквите обиди во минатото најчесто пропаѓаа – нагласи германскиот канцелар.
Тензиите меѓу Вашингтон и Берлин се зголемија откако Трамп ја критикуваше Германија за нејзиното одбивање да помогне во обезбедувањето на Ормускиот Теснец. Трамп ги оцени како „неумесни“ изјавите на германските претставници дека конфликтот во Иран „не е нивна војна“. Слични ставови деновиве, покрај Мерц, изнесоа и министерот за одбрана Борис Писториус и вицеканцеларот Ларс Клингбајл.
Американскиот претседател синоќа во својот говор во Мајами, повторно ја прекори Германија за недостигот на поддршка за Вашингтон во обезбедувањето на Ормуз и ги нападна сојузниците во НАТО, по што конкретно се осврна на Германија.
– Фридрих, канцеларот на Германија, рече: „Ова не е наша војна“. И во Украина не е војна на САД, но ние им помагаме на Украинците – изјави претседателот на САД.
Американскиот шеф на државата нагласи дека САД веќе „не се должни да го поддржуваат НАТО“.
– Секогаш ќе бевме покрај нив, но сега, со оглед на нивните постапки, претпоставувам дека тоа веќе не е потребно, нели? – изјави Трамп.