„ИСКРЕНО ГИ ПРИЗНАВАМ ГРЕШКИТЕ И ВИ ВЕТУВАМ – ЌЕ РАБОТИМЕ ДЕН И НОЌ“ Ковачевски вети европски животен стандард

„Само со членство во ЕУ се можни суштински промени во македонското општество“, нагласи претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

294

„Продолжувањето на патот кон Европската унија и усвојување на европските стандарди е единствениот начин за големи, суштински и темелни промени во македонското општество“,порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на денешниот граѓански собир на кандидатот за претседател, Стево Пендаровски.

– Работевме во услови на најголема економска и енергетска криза. И како вистински социјалдемократи, никого не оставивме сaм. Силно ги поддржавме граѓаните и компаниите во време на повеќе кризи со 2,6 милијарди евра. Ги зголемивме платите и пензиите на историски највисоко ниво досега. Но, јас знам дека се уште е тешко. Не живеам во заблуда дека овие бројни мерки и политики ги решија сите отворени проблеми на граѓаните – рече Ковачевски.






– Како што искрено ги признавам сите направени грешки така ве гледам и ви ветувам: заедно со мојот тим ќе работам ден и ноќ да ги исполнам очекувањата на мнозинството граѓани да живеат во европска Македонија. Ден и ноќ за европски животен стандард, за подобро образование, подобро здравство, за сузбивање на корупција, за држава по европски стандарди како што ја сакаат и како што ја заслужуваат граѓаните. – додаде тој.

Според Ковачевски, клучното прашање на овие избори е кој има план за иднината, а кој нема никаков план.

– Кој е за членство во ЕУ а кој е проив ЕУ. Тоа е изборот пред граѓаните. Надеж за подобра европска иднина со СДСМ, со Стево Пендаровски или безнадежност и враќање назад со ВМРО- ДПМНЕ и Гордана Силјановска Давкова. Тоа е јасно како ден – рече Ковачевски.

 

Поврзани содржини