Искрени лаги

973

Дефинитивно влегуваме во постизборната фаза на бескрупулозни лаги и измами, на бит-пазарско „шибицарење“ и уличарско „надмудрување“ недолично за луѓе кои сакаат да се претставуваат како политичка партија, а се симнати на нивото на проретчена секта. А со нив и онаа нивна клиентела која се претставува како седма сила, а е само маскирана продолжена рака на сектата и нивен медиумски подопашник. Некои од нив најкукавички успеаја да избегнат сериозни казни за „медиумски“ криминал и го наседнаа лековернион со баксузен број, па сега отплаќаат долгови галејќи туѓи делови од телото! И повторно плетат приказни. А за што? За пишливи 20.000 евра, заборавајќи ги милионите напикани во џебовите на нивните газди !

Но тоа се новите „методи“ на онаа сдсм (малите букви се соодветен одраз на рејтингот на оваа „партија“ во јавноста), сосема прилагодени на нивното сега „партизанско“ андерграунд дејствување.  Уште поголема лага е „сликата и приликата“ на новиот „лидер“„избран“ на онакви „избори“, со онакво политикантско минато и кратко паметење за однесувањето на неговите ментори додека беа на власт. Ама, изгледа, неговото непристојно – да не речам простачко – шепурење со некакви бедни „соопштенија“ во името на неговата групичка изгубени души, им се допаѓа на „следбенициве“. Добро, сега ќе добиваат само бедна награда, одвај оглодани коски, ама за некои и тоа е храна, нели?!






А сепак изгледаат жално зашто сегашната избрана „стратегија“ на искрено лажење односно моронска манипулација за сѐ што прави новата власт – заборавајќи притоа што правеа тие на нивното место! – е „стратегија на кукавицата“: подметнување на своите сматок јајца пред прагот на другиот.

И затоа, дури и денес, после сѐ што видовме – и гледаме – од оваа „прогресивна“ секта, на нормален, скрупулозен човек сепак му е дефинитивно неразбирлив ваквиот пад во политикантската бездна на една некогашна, да речеме сериозна, партија. И на истата клиентела бранители којашто има не мала вина во тој пад. И како истата може, за толку кратко време, да се трансформира во налудничава секта. И второ, како, после фабулозниот „избор“ на нов партиски „лидер“, може така искрено да се лаже, да се манипулира, да се подметнува…, каде и како исчезнал сиот нормален човечки срам кај тие луѓе па се престоруваат во политикантски манипулатори и извртувачи на вистината, без трошка самокритика и одговорност за изминатите седум-осум катастрофални години на практикување на власта?

За некого сето тоа односно сето ова што се случува во сектата нарекувана сдсм (малите букви се… знаете веќе што) е нормален постизборен тек на нештата. Ама таквите се навистина малубројни и веројатно не го познаваат доволно нивниот багаж (не само) од последниве години. А тој не е така мал и невин за да можете да го заборавите или зафрлите во некоја дупка покрај политичкиот пат и да мислите дека сте нови, рехабилитирани, преродени… и на чело со ново-стар „лидер“. Не, такви нешта не се случуваат односно багажот за којшто говорам е преголем, претежок, премногу криминален и коруптивен за граѓаните така лесно да го заборават. А јавноста? Па таа „јавност“ – ако под неа подразбираме дел од клиентелистичките медиуми – веднаш ги заборави сите катастрофални глупости и малоумни постапки во изминатите седум-осум години.

Но таквиот багаж не се заборава така лесно, односно кај македонскиот граѓанин тој (ќе) се влече со години. Тоа е – доживотен срамен, криминално-коруптивен багаж! И сега, наместо да се затворат во нивното секташко дувло на „Бихаќка“, да се зафатат со сериозна анализа на поблиското минато, да разбркаат сето тоа што останало таму од времето на пазарџијата и „хибридниот режим“, тие го бираат Филипче односно продолжената рака на Зоран Заев, човекот кој ги донесе на ова дереџе. И продолжуваат со секојдневните искрени лаги, конструкции, магловити „соопштенија“…, истите ликови – почнувајќи од оние Лукаревска и Тренчовска па понатаму – сега ни држат предавања за политиките на новата власт, за нивните грешки веќе во првите десет дена, а ги заборавија своите седум години…

Говорат дури и за „страв од Филипче“, за „економијата во клиничка смрт“, за „Монти пајтон кадровска политика“, за „фамилијарни патувања“ итн., итн. Притоа, очигледно забораваат, или очајно сакаат да заборават, на нивната „кадровска политика“ со национални координатори за кохезија (sic!), со богомолец за министер за полиција, со „професорка“ по англиски јазик за министерка за култура, со математичаркана како вице-премиерка за лошо владеење, со „вежбачон“ како премиер и др.; на подјармената економија од страна на праматарите на нивната бизнис „елита“; на нивните полуписмени советници, директорчиња и протежеа од форматот на еден Забрчанец, Деспотовски, Богоев, Лукаревска…; за крајно комичнине но и прилично лукративни ликови како директори во културата, почнувајќи од оној Тозија и по него фамозниот дилетант Лазаревски во Агенцијата за филм, за ова и вакво Друштво на филмски работници, онаа тотално неука Старова, оние смешни музиканти во Управата за заштита и богомолци во Националната библиотека…; се острат на некакви „фамилијарни патувања“ а ужасно сакаат да заборават на ќерката на „вежбачон“ во директна „мисија“ кај Папата… итн., итн.

Но, се разбира, мислат дека најуспешна им е измамата со тоа дека некој, а особено новата власт, се плаши од Филипче! Што и не е невозможно, нели, но – зошто? Зошто новата власт би се плашела од него како актуелен водач на некаква секта? Ќе ги добие наредните локални, а потоа и парламентарни избори? Може ли да се „прогресивниве“ изгубени души баш толку лекоумни или само си ја пумпаат самодовербата? Меѓутоа, поверојатна е спротивната теза: дека токму тој има уплав од идните потези на таа нова власт, а во врска со неговите „нерасчистени“ морални, материјални, професионални (како министер за здравство) и други долгови кон државата? Зашто, некои веќе испливаа на површината. Па тоа ли ја покренува оваа лавина на искрени лаги за сѐ што се случува во и околу сдсм?

Јас навистина немам сериозна причина да се приклонувам кон една или друга страна на „паричката“ викана партиска вистина, ама зарем нема во таа секта некој кој мисли поинаку од „лидеро“, некој кој ја гледа проѕирноста на лагите – колку и да се „искрени“ – и намерата некој некому да му ја спасува кожата? И зошто, и по која цена? По цената на една (некогаш) онолкава партија!?

И, да појаснам зошто мислам дека нивниве лаги се „искрени“: затоа што тие очигледно почнуваат сериозно да веруваат во нив за да заборават на личниот и партискиот криминално-коруптивен багаж тежок цели седум години; затоа што и најголемите криминалци „искрено“ веруваат дека се невини, а во нивните редови, богами, има многу такви; затоа што тие де факто немаат што да посочат како нивен придонес за македонската политичка реалност во изминатиот период па лагата и манипулацијата добиваат призвук на искрена загриженост итн. И се надеваат, „искрено“ се надеваат дека барем некого ќе успеат да го убедат во нивната „вистина“. Жална глетка е, вака од страна, да ја посматрате „државотворната партија“ како се убедува себеси дека стопати повторената лага станува вистина, дека јавноста навистина има баш толку кратко паметење, упорно да го третира македонскиот граѓанин како наивен пластелин за нивните криминално-коруптивни прсти.

И да, политичарите лажат и тоа не е некаква новост. Лажат дури и поголеми политички формати од нашиве и тие лажат искрено и со надеж дека нивните гласачи сепак ќе се фатат на јадицата. Но кај нас овој наплив на лаги од страна на овие „прогресивни“ секташи е дел од спомнатата „стратегија на кукавицата“ и операцијата „спасување на задникот“. А во тоа имаат сесрдна помош и од дел од јавниот простор, сѐ уште окупиран од нивни бројни клиенти. На што ли па тие се надеваат?

Се разбира, под превезот на демократијата, којашто покрај другото е и бескрајна зона на глупоста и дефамацијата, можете дури и на „сериозни“ места да сретнете и такви дилетантски изјави што отворено навиваат за „двоецот Филипче–Заев“ како за единствени можни спасители на некаква „социјалдемократската мрежа“ (sic!).  И тоа не е само случајна дилетантска глупост туку е целена конструкција – или, повторно, една од „искрените“ лаги! – што кошмарната „социјалдемократска“ реалност треба да ја претстави како никулец на нов партиски подем, а нивните ноторни уличарски подметнувања и простачко извртување на вистината како „функционирање“ на една партија.

Што ли е тоа што ќе „(о)држат“ овие двајца освен сопствената кожа, останува да видиме. Но, останува да видиме и до кога ќе трае она страотно клиентелистичко коленичење и враќање некакви долгови на таа „партија“, до кога секакви шушумиги ќе ја замајуваат јавноста со некаква „социјалдемократска мрежа“ од којашто не останало ни „с“? И зарем токму спомнатите двајца старо-нови „прогресивни“ ликови не се токму само одраз на „голи лидерски амбиции“ туку и на страв од казната што (ќе) мора да дојде?

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини