„ИСИС ЌЕ НАПАДНЕ НЕКАДЕ НИЗ СВЕТОТ ВО СЛЕДНИТЕ 6 МЕСЕЦИ“ Американското разузнавање вели дека настаните Москва се само почеток
Експертите во САД се едногласни дека глобалниот терор и опасност за САД и Европа од ИСИС допрва доаѓа, но и дека нападот во Москва немал поврзаност со Украина, како што обвини Кремљ. Тие велат дека ИСИС учи од своите грешки и дека организацијата која беше речиси протерана од Сирија сега станува повешта.
Терористичката организација ИСИС „ја задржува способноста и подготвеноста да ги нападне американските и западните интереси во странство за само шест месеци со или без предупредување“ смета шефот на Централната команда на американската армија Мајкл Е. Курила, пишува „Њујорк Тајмс“.
Весникот се повикува на повеќе американски експерти во врска со масакрот во салата „Крокус“ кој се случи минатиот петок во Москва. Загинаа најмалку 137 луѓе, а 180 беа ранети. Експертите се едногласни дека глобалниот терор и опасност за САД и Европа од ИСИС допрва доаѓа, но и дека нападот во Москва немал поврзаност со Украина, како што обвини Кремљ.
– Модусот на работа беше класичен ИСИС – изјави Брус Хофман, експерт за тероризам во Советот за надворешни односи.
Трет напад врз концертна сала
Нападите врз Москва и Иран покажаа поголема софистицираност, рекоа претставници на антитероризмот, што укажува на поголемо ниво на планирање и способност за допирање на локалните екстремистички мрежи.
– ИСИС-К беше фиксирана за Русија во последните две години, често критикувајќи го претседателот Владимир Путин – рече Колин П. Кларк, аналитичар за борба против тероризмот во Соуфан Груп, безбедносно консултантска фирма со седиште во Њујорк.
Нападот во рускиот главен град беше трет напад на концертно место на северната хемисфера од страна на ИСИС во изминатата деценија, рече Хофман. Тој ги спомна нападот во ноември 2015 година на театарот Батаклан во Париз и самоубиствениот бомбашки напад во мај 2017 година на концертот на Аријана Гранде во Манчестер Арената.
Аматерите учат од грешките!
Во јануари ИСИС-К попозната како Исламска држава Хорасан изврши два бомбашки напади во Иран. Минатиот јули, Германија и Холандија координираа операции за апсење на седум лица од Таџикистан, Туркменистан и Киргистан, поврзани со мрежата ИСИС-К, кои беа осомничени за планирање напади во Германија.
Иако американското разузнавање се сомнева дека оперативците на ИСИС-К се аматери, постои стравот дека организацијата учи од грешките. Во јануари, маскирани напаѓачи нападнаа римокатоличка црква во Истанбул, убивајќи едно лице.
Новите разузнавачки извештаи од Европа сугерираат дека Турција е логистички центар за ИСИС-К. Властите во Истанбул потегнаа големи полициски рации во изминатиот период. Денеска беа уапсени 137 џихадисти на ИСИС, а за 27 лица се верува дека се поврзани со нападот врз Москва.
Ги протераа за да станат уште посилни
Кои се ИСИС-К познати и како Исламска држава Хорасан? Исламската држава Хорасан, основана во 2015 година од незадоволни членови на пакистанските талибанци, изби на меѓународната џихадистичка сцена откако талибанците ја соборија авганистанската влада во 2021 година.
За време на повлекувањето на американската војска од земјата, ИСИС-К изврши Самоубиствен напад на меѓународниот аеродром во Кабул во август 2021 година, во кој загинаа 13 американски војници и дури 170 цивили.
Откако САД заедно со курдските и арапските милиции ги протера борците на Исламска држава од село во Источна Сирија се сметаше дека работата е завршена и дека тоа е нивно последно упориште далеку од нивниот самопрогласен калифат во Ирак.
Дали терористите во Москва биле московјани?
Сепак, организацијата метастазираше во потрадиционална терористичка група – тајна мрежа на ќелии од Западна Африка до Југоисточна Азија, ангажирани во герилски напади, бомбашки напади и целни убиства.
Значителен број членови на ИСИС-К се со потекло од Централна Азија, а голем централноазиски контингент живее и работи во Русија. Некои од овие лица можеби станале радикализирани и биле во позиција да служат во логистичка функција, складирајќи оружје, рече Кларк.
Руските власти се обидуваат да дознаат дали осомничените кои беа уапсени веќе биле инфилтрирани во група и живееле во Русија или биле распоредени од Јужна или Централна Азија за овој конкретен напад.