Поврзани содржини
Терапиите за рак на дојка, како хемотерапијата и хормонската терапија, можат значително да го променат односот кон храната. Замор, губење на сетилото за мирис, постојана мачнина или метален вкус во устата – сето тоа може да го направи готвењето и јадењето вистински предизвик, пишува „Пипл“.
Додека некои пациентки продолжуваат да уживаат во храната и за време на третманот, други целосно го губат апетитот.
Џилијан Вандал Миао (39), на која во март 2025 година ѝ бил дијагностициран рак на дојка, вели дека апетитот ѝ исчезнал уште пред да започне терапијата.
– Знаев дека морам да се хранам здраво, но бев преплашена и речиси ништо не јадев ниту пиев – раскажува таа.
Во првите фази се потпирала на едноставна и позната храна – банани, супа и ориз. Подоцна, се насочила кон органска и минимално преработена храна. Кога хемотерапијата ѝ предизвикувала ранички во устата, избирала бистри супи, а кога зрачната терапија ѝ носела замор – овесна каша.
Кога имала повеќе енергија, готвела дома.
– Со нетрпение го очекував готвењето, затоа што ми даваше чувство на цел. Храната на некој начин ме спаси, бидејќи стана рутина – вели Миао.
Одлуката што да се јаде може да биде дополнителен товар кога сте болни. Пред почетокот на терапијата, добро е да се консултирате со онколошки диететичар и да направите план за оброци.
Клер Гундлах, клинички диететичар во MD Anderson Cancer Center, препорачува помали и почести оброци наместо три големи.
– Кога нема апетит, распоредот го намалува притисокот и кај пациентот и кај негувателот – вели таа.
Поставување потсетник за јадење на секои два до три часа и однапред подготвени мали, хранливи оброци во замрзнувачот можат значително да помогнат.
За време на третманот особено е важно внесувањето доволно протеини, калории и течности.
– Ракот и хемотерапијата прво ги напаѓаат мускулите. Потребни се доволно протеини за да се одржи силата, но и за да се обноват здравите клетки – објаснува Гундлах.
Ако има промени во вкусот или мирисот, може да се изберат протеински намирници што не бараат готвење – како грчки јогурт или протеински барови. Кај некои лица црвеното месо има метален вкус, па растителни извори како тофу или грав се подобра опција.
При појава на ранички во устата, храната може да се сечка ситно или да се блендира. За сувост во устата помага додавање сосови и често пиење вода.
Кога апетитот е намален, течностите полесно се внесуваат. Нутритивни напитоци или протеин во прав додаден во супи и смути може да помогнат да се задоволат потребите. Понекогаш дури и користење сламка може да го намали непријатниот вкус.
Доколку немате сила за купување или готвење, користењето достава на намирници е добра опција, советува онколошката диететичарка Елејн Сиу од City of Hope.
Исто така, не двоумете се да побарате помош од блиските.
– Многу луѓе сакаат да помогнат, но не знаат како. Кажете конкретно што ви треба – советува таа.
За време на терапијата, пријателите на Миао организирале таканаречен „meal train“ – распоред за носење подготвени оброци. Но, бидејќи третманот ѝ го намалил бројот на бели крвни зрнца, морала да внимава на безбедноста на храната.
– Морав да кажам дека лососот мора да биде добро зготвен – раскажува таа. Со тек на време, пријателите го приспособиле планот.
И покрај сè, храната не е само гориво – таа е и социјално искуство. Споделувањето оброк со семејството и пријателите, кога се чувствувате доволно добро, може да го подобри расположението и апетитот.
– Не заборавајте дека храната е социјална. Друштвото може да ја зголеми желбата за јадење и моралот – потсетува Гундлах.