Исцрпени се резервите, се чекаат вакцините на „Синовак“ за да живне вакцинацијата

Вакцините на „Синовак“ се спакувани во шприцови така како што беше првата количина на вакцината од „Синофарм“, што го олеснува начинот на давање, рече Филипче. 

1,389

Вакцините од „Синовак“ се очекува да стасаат во земјава во следните седум дена, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче, кој сепак остави резерва во однос на денот на пристигнување на пратката од 500.000 дози.

– Уште една добра информација е тоа што вакцините се наоѓаат во претходно спакувани шприцови така како што беше првата количина на вакцината од „Синофарм“, што го олеснува начинот на давање – рече Филипче.






Министерот, повикувајќи се на разговор со рускиот амбасадор во земјава, најави доцнење на вакцините „Спутник V“.

– Практично сме во секојдневна комуникација, ни дава информации што и како може да се очекува, меѓутоа мислам дека е прилично искрен во тој дел. Со лични контакти и заложби направи многу кратко време да чекаме од нарачка да стигне првата количина која стигна во земјава. Беше малку, меѓутоа стигнаа, и ние тој процес тогаш го продолживме со здравствените работници – рече Филипче, одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на реновираните хируршки сали на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија.

Тој додаде дека кога ќе се исцрпат сите граѓани од списокот пријавени на вакцинација.мк веројатно пунктовите за вакцинација ќе работат и без закажување.

Досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 437.339 граѓани.

На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 241.368 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 2.067 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 15.756 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 362.710 дози вакцини, а ревакцинирани се 121.342 граѓани. Со последните бројки 47% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 41% од населението над 65 години е вакцинирано  со барем една доза вакцина.

Поврзани содржини