ИСЧЕЗНАТО ДЕВОЈЧЕ ОД ГЕРМАНИЈА ПРОНАЈДЕНО ВО БОСНА Била жртва на меѓународна трговија со луѓе
5-годишното девојче се наоѓа во базата на лица по кои трагаат меѓународните институции, се преземаат активности за враќање на детето кај нејзината мајка, соопштија од Обвинителството на БиХ.
Во автобусот на граничниот премин Брод, босанско-херцеговската полиција идентификувала 5-годишно девојче од Германија, жртва на меѓународна трговија со луѓе, соопшти Обвинителството на БиХ.
„Обвинителот од Одделот за шверц и трговија со луѓе на Обвинителството на БиХ ги координираше активностите во соработка со Службата за работи со странци на БиХ и Граничната полиција на БиХ, кои при контрола на стоки и патници на редовните автобуски линии на граничниот премин Брод, открија и идентификуваа жртва на меѓународна трговија со луѓе“ – соопштија од Обвинителството на БиХ.
Девојчето патувало со редовна автобуска линија во придружба на странски државјанин. Тој по налог на обвинител е приведен во Службата за странци на Босна и Херцеговина, а девојчето е сместено во безбедна куќа.
„Споменатото девојче се наоѓа во базата на лица по кои трагаат меѓународните институции, а обвинителот е во постојана комуникација со надлежното обвинителство и полицијата во Визбаден, Германија. Се преземаат активности за враќање на детето кај нејзината мајка“ – велат од Обвинителство.