Јирген Хабермас за граѓанската јавност во дигиталната ера

Партиите во Македонија не создаваат граѓани кои слободно, со аргументи и критичност, дискутираат за демократските темели на општеството, туку партиски истомисленици.

234

„Како што печатницата направи од сите потенцијални читачи, така дигитализацијата денес прави од сите потенцијални автори. Но, колку долго траеше додека сите научија да читаат?“ Ова прашање пред една година го постави најпознатиот германски филозоф Јирген Хабермас (Jürgen Habermas) со оглед на промените во јавноста во дигиталната ера. Јавноста и граѓанинот како субјект во јавниот дискурс е најважната тема во политичката филозофија на Хабермас, филозофот од втората генерација на Франкфуртската школа, кој во јуни ќе наполни 94 години, пишува Кица Колбе во колумна за Дојче веле.

Улогата на критичката јавност






Во септември 2022 година, тој се врати на темата за која 1962-та пишуваше во прочуеното дело „Структурните промени на јавноста“, објавувајќи ја книгата „Новата структурна промена на јавноста и делиберативната политика“, во која укажува на опасностите од новите медиуми за демократскиот јавен дискурс. Ако во 1962-та тој беше критичен за јавниот дискурс во ерата на телевизијата, радиото и филмот, неговиот суд за денешната јавност во дигиталната ера е многу попесимистичен. На европските интелектуалци во шеесеттите им се чинеше дека новите визуелни медиуми ќе ја загрозат „писменоста“ на субјектите во модерниот дискурс, која ја обликуваа печатените медиуми. Хабермас, всушност, ја раскажуваше историјата на граѓанската самосвест која, раководена од просветителскиот идеал на разумот, се обликуваше преку писменоста и образованието. Јавноста, замислена како размена на аргументи на слободномислечки граѓани, навистина претпоставува образование и критичка мисла. Само таквата критичка јавност има моќ да влијае врз политиката, веруваа интелектуалците како Хабермас. Затоа тој во 1990-тите во вториот предговор за неговото дело „Структурната промена на јавноста“ малку го коригираше својот критички суд за визуелните медиуми во шеесеттите, бидејќи сметаше дека пресвртот што се случи во Источна Европа во 1989 година не ќе беше возможен без нив.

Разбивање на јавната сфера во многу „полујавности“

Денес, во времето на „платформите“ и социјалните мрежи, во кои секој има шанса да не е само консумент на информации, туку и „автор“ на свои „постови“, Хабермас се прашува имаа ли тие луѓе доволно време да научат да „пишуваат“, за да можат да се сметаат за „автори“? Иако луѓето на социјалните мрежи добија право на глас, Хабермас во тоа не го гледа остварен „сонот“ на раниот интернет дека тој ќе ѝпомогне на делиберативната демократија. Овој модел на демократија претпоставува јавност во која граѓаните учествуваат во јавната комуникација со аргументирани мислења. Иако се чини дека денешните дигитални медиуми му нудат целосна слобода во пристапот кон информациите на секој граѓанин, модерните платформи според Хабермас ја разбија јавната сфера во многу „полујавности“, со што јавниот простор ги изгуби поврзувачките точки. Новите платформи како Фејсбук и Твитер, според него имаат некоја „чудна анонимна интимност“. Кога би се мереле според досегашните мерила, тие не би можеле да се сметаат ниту за „јавни“, ниту за „приватни“ форми на комуникација. Според Хабермас тие се „една сфера која некогаш припаѓаше на приватната комуникација преку писмена преписка“. Таа сфера денес се устоличи како јавност. За да не се загрози делиберативната демократија, Хабермас бара да се воведат барем минимални стандарди за сите онлајн-содржини. Интернет-платформите мора да одговараат за содржините, со тоа што ќе бидат казнети за лажни информации. Доколку не се стори тоа, ќе стане сѐпоголема опасноста преку модерните интернет-платформи да се загрозат основните темели на демократијата. Според Хабермас, тие се состојат во индивидуалната свест која прави разлика помеѓу „јавните и приватните изјави“, во однесувањето на сите субјекти во комуникацијата според идеалот на разумниот дискурс, како и во вербата на сите граѓани дека е можно заеднички да се обликува светот. Тој со тоа се обидува да потсети на јавната комуникација која долго време се потпираше на идеалот на еманципираното, демократско општество, чија витална сила е јавноста од слободномислечки граѓани.

Политиката и новата „дигитална јавност“

Меѓутоа, пропаста на некогашните социјалистички општества 1989 година имаше само куса епизода во која модерните визуелни медиуми, а скоро потоа и дигиталните, ја играа улогата на критичка јавност, како што кусо време веруваше и Хабермас. Само две децении подоцна, во тие општества, во кои уште не беше обликувана граѓанската свест од типот на онаа во западните европски држави, политиката успеа повторно да ги употреби медиумите како идеолошко средство, кое во транзицијата најчесто им служеше на тесните партиски интереси и на оние на новите стопански магнати. Тие групи имаа доволно силна финансиска моќ да ги поседуваат и медиумите. Политичките партии од учесниците во „новата“ дигитална јавност регрутираа свои поданици. Кога, како во Македонија, ќе се земе предвид и етничкиот карактер на најголемите партии, тогаш станува уште појасно дека транзицијата воопшто не обликуваше граѓанска критичка свест. Партократијата, популистичката политика и манипулацијата со луѓето преку национализмот и етничката припадност, сфатена во најтесна смисла, спречија во македонската политичка јавност да се формира вистинска граѓанска свест. Според сфаќањето на јавноста на Хабермас, и субјектите во македонскиот јавен дикурс би требало да ги остваруваат своите интереси само доколку можат да влијаат на политиката таа да создаде услови во кои ќе владеат законите и правдата за сите граѓани, независно од партиската или од етничката припадност. Ваквата јавност во македонската транзиција немаше шанса да се обликува, затоа што јавниот простор брзо го „окупираа“ партиите со тесно партиската, односно, етничката димензија. Тие не создава граѓани кои слободно, со аргументи и критичност, дискутираат за демократските темели на општеството, туку партиски истомисленици. „Партиските блокови“ во македонската јавност се препознаваат не само во медиумите (блиски на опозицијата или на Владата), туку и на социјалните мрежи. Тоа што Хабермас го нарекува „полујавности“, во македонската разединета јавност се „партиските полујавности“. Ако за модерната јавност, на пример, во Германија, Хабермас говори за „платформизација на јавноста“, тогаш во македонската јавност кон „платформизацијата на јавноста“ се придружува и „партизацијата на платформите“.

Не зачудува што оние малкумина критички мислечки македонски граѓани, кои досега го следеа идеалот на рационалната аргументација во јавниот дискурс, денес се целосно повлечени во приватноста, затоа што мислат дека можеби ќе ја променат политиката со тоа што ќе ја игнорираат. Меѓутоа, во нашиот дигитален свет, во кој повеќе нема разлика меѓу приватното и јавното, нема повеќе простор ниту за „приватно дисидентство“. Од друга страна, граѓанинот останува суверениот темел на општеството и во популистичката дигитална ера. А граѓанинот не може да постои без јавност, затоа што е свесен дека неговите интереси се остварливи само во демократското општество.

Поврзани содржини