ИРАНСКИТЕ ХАКЕРИ НЕ МИРУВААТ, АЛАРМ ВО АМЕРИКА Над 1.900 обиди за сајбер напади за еден месец
Анализа предупредува дека иранските сајбер активности кон водоводната инфраструктура во САД растат, додека експертите укажуваат на сериозни безбедносни слабости.
Иранските кибер-закани кон водоводната инфраструктура во Соединетите Американски Држави се во пораст и би можеле да претставуваат „тивка војна“ што продолжува и покрај можната воена деескалација меѓу Техеран и Вашингтон, пишува „The Washington Post“ во анализа.
Според извештајот, „CISA“ регистрирала повеќе од 1.900 обиди за хакерски напади врз водоводните системи во САД за само еден месец, при што Иран е посочен како главен извор на активностите.
Иако повеќето напади биле неуспешни, експертите предупредуваат на сериозни слабости во заштитата. Експертот за кибер-безбедност Џек Браун, извршен директор на Иницијативата за сајбер-политика на Универзитетот во Чикаго, истакнал дека многу системи немаат ниту основни мерки, како промена на фабричките лозинки.
Ранливоста на инфраструктурата дополнително се нагласува со обвинувањата на иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи дека САД бомбардирале иранско постројка за десалинизација, што довело до прекин на водоснабдувањето во 30 села. Како одговор, според наводите, биле извршени напади со дронови врз постројка за вода во Бахреин.
Во САД постојат околу 150.000 водоводни системи, од кои повеќето се мали и со ограничени средства за соодветна кибер-заштита, што дополнително ја зголемува загриженоста кај експертите.