ИРАНСКИ ОДМАЗНИЧКИ ФИЛМ ЈА ДОБИ „ЗЛАТНАТА ПАЛМА“ ВО КАН Моќната порака на режисерот – „никој не треба да ни кажува…“

Џафар Панахи ја освои престижната „Златна палма“ за филмот „Беше само несреќа“ (It Was Just an Accident).

712

Иранскиот режисер Џафар Панахи, кој беше во затвор и на кој му беше забрането да снима филмови во својата татковина, проговори против ограничувањата на режимот откако ја освои „Златната палма“, главната награда на Филмскиот фестивал во Кан.

Имено, Џафар Панахи ја освои престижната „Златна палма“ за филмот „Беше само несреќа“ (It Was Just an Accident).






Тој беше воодушевен од аплаузот додека ги повикуваше сограѓаните Иранци да ги остават настрана своите разлики и проблеми.

„Сега најважно е нашата земја и слободата на нашата земја. Ајде да ги здружиме силите. Никој не треба да се осмелува да ни кажува каква облека треба да носиме, што треба да правиме или што не треба да правиме“, рекол наградуваниот режисер.

Панахи беше ослободен од затвор во 2023 година, а беше уапсен поради протест против притворањето на двајца колеги филмски режисери кои ги критикуваа властите.

Доаѓањето во Кан е негово прво појавување на меѓународен фестивал по 15 години, откако беше предмет на долга забрана за патување.

Филмот е снимен во тајност и делумно е базиран на искуствата на Панахи во затворот.

„Пред да одам во затвор и пред да ги запознаам луѓето што ги сретнав таму и да ги слушнам нивните приказни, нивното потекло, прашањата со кои се занимавав во своите филмови беа сосема различни“, рекол режисерот.

Филмот ја раскажува приказната за пет обични Иранци кои се соочуваат со човекот за кој веруваат дека ги мачел во затворот.

Ликовите биле инспирирани од разговорите што ги водел со другите затвореници.

Панахи помина седум месеци од шестгодишната казна затвор пред да биде ослободен во февруари 2023 година.

Тој претходно беше осуден на шест години затвор во 2010 година за поддршка на антивладини протести и создавање „пропаганда против системот“.

Тој беше ослободен со кауција по два месеци, а забрането му е да снима филмови или да патува во странство.

 

 

Поврзани содржини