ИРАНСКИ БРОД ПОТОНА ВО КАСПИСКО МОРЕ Превезувал оружје за Русија
По испратениот сигнал за помош, спасени се сите 14 членови на екипажот, државјани на Иран и на Индија, соопшти владата на Туркменистан, на чија територија се случил бродоломот.
Бродот Рона, кој пловеше под иранско знаме, вчера потона во Касписко Море. Се претпоставува дека бродот транспортирал оружје во Русија, а потонал при враќањето во Иран, соопштија казахстанските власти.
Бродот пловел по рутата позната како коридор за транспорт на оружје.
Товарниот брод Рона, што можеше да превезува 2.453 тони, со должина од 114 метри и ширина од 13 метри, испратил повик за помош, по што се спасени сите 14 членови на екипажот. Сите спасени се државјани на Иран и Индија, соопшти Министерството за надворешни работи на Туркменистан.
Податоците од следењето покажуваат дека бродот од октомври 2024 година до декември 2025 година околу 20 пати испловил од иранските пристаништа Амирабад и Анзали, а се закотвил во руските пристаништа Астрахан, Махачкала и Азов.
Украинските специјални сили во соработка со движењето на отпорот „Црна искра“ минатиот месец извршија операција во Касписко Море, погодувајќи два руски брода кои превезувале оружје и воена опрема.
Украинската армија во август лани го нападна пристаништето Олја во регионот Астрахан, погодувајќи брод натоварен со компоненти за иранските беспилотни летала „Шахед“ и иранска муниција.