ИРАН ВОЗВРАЌА НА ЗАКАНИТЕ НА ТРАМП Техеран најави удари врз енергетска инфраструктура во регионот

Иран предупредува дека ќе цели кон енергетски и инфраструктурни објекти во регионот ако САД ги нападнат неговите електрани.

0

Тензиите на Блискиот Исток дополнително се заоструваат откако иранската армија најави можни напади врз енергетска инфраструктура во регионот, како одговор на заканите од Доналд Трамп.

Од оперативната команда на иранската војска соопштија дека секој напад врз нивните енергетски капацитети ќе биде проследен со директен одговор.






– Доколку непријателот ја нападне нафтената и енергетската инфраструктура на Иран, цел на нашите операции ќе биде целата енергетска, информатичка и инфраструктура за десалинизација што им припаѓа на САД и на режимите во регионот – изјави портпаролот Хатам ал-Анбија, пренесува Фарс.

Тој не прецизираше на кои конкретни земји се однесува, но пораката доаѓа во момент кога реториката меѓу Техеран и Вашингтон достигнува ново ниво.

Претходно, Трамп му постави ултиматум на Иран во рок од 48 часа целосно да ја отвори Ормуската Теснина за поморски сообраќај, во спротивно ќе следуваат напади врз иранските електрани.

Ситуацијата дополнително се вжешти по последните ракетни напади, при што, според извештаите, биле погодени цели во јужен Израел, со над 100 повредени и значителна материјална штета.

Размената на закани меѓу двете страни ја зголемува загриженоста за можен поширок конфликт, особено поради стратешкото значење на Ормуската Теснина, преку која минува значителен дел од светските енергетски ресурси.

Поврзани содржини