ИРАН ТВРДИ ДЕКА ИМА СИЛИ ЗА 6 МЕСЕЦИ ВОЈНА Ракетите со краток дострел биле само загревање, вели Гардата

Досега користевме ракети од првата и втората генерација. Во наредните денови ќе употребиме понапредни и поретко користени ракети со долг дострел, изјави портпаролот на Иранската револуционерна гарда велејќи дека Иран има сили интензивно да војува 6 месеци.

920

Тензичната војна меѓу Иран, Израел и САД се продлабочува. Револуционерната гарда тврди дека Техеран има сили да води „интензивна војна“ најмалку шест месеци. Изјавата доаѓа додека конфликтот влегува во втората недела и додека се заканува ширење низ Блискиот Исток.

Портпаролот на Иранската револуционерна гарда, Али Мохамад Наини, објави дека иранските сили досега користеле ракети од „прва и втора генерација“. Според него, тоа било само дел од арсеналот.






– Досега користевме ракети од првата и втората генерација. Во наредните денови ќе употребиме понапредни и поретко користени ракети со долг дострел – рече Наини.

Изјавата се толкува како сигнал дека Иран може да го засили ракетниот напад врз израелски и американски цели во регионот.

„Со сета сила“

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху порача дека операциите против Иран ќе продолжат со „сета сила“. Израелските власти отворено зборуваат за можност да се отстрани иранското државно раководство.

Ескалацијата доаѓа по серија американско-израелски удари врз ирански цели минатата недела. Според иранските власти, тие напади го продлабочиле регионалниот конфликт и ја засилиле решеноста на Техеран за одговор.

Кувајт стана нов фронт

Проширувањето на судирот се потврди и со напад со дрон врз американска база во Кувајт. Во нападот загинаа шест американски војници.

Американскиот претседател Доналд Трамп присуствуваше на враќањето на нивните тела во САД, што дополнително ја подигна политичката температура во Вашингтон.

Секој што ќе помогне ќе биде цел на Teхеран

Иранските власти испратија предупредување до земјите од Блискиот Исток кои им помагаат на американските или израелските операции.

Шефот на иранското правосудство, Голамхосеин Мохсени Еџеи, порача дека нападите врз цели поврзани со непријателот ќе продолжат.

– Тешките напади врз тие цели ќе продолжат – соопшти Еџеи.

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан додаде дека Техеран ќе одговори ако некоја соседна земја дозволи нејзина територија да се користи како база за напад врз Иран.

Стапица наместо венецуелско сценарио

Советникот за безбедност Али Лариџани ја обвини администрацијата на Трамп дека се обидува да повтори сценарио како во Венецуела.

– Нивната проценка беше дека ќе биде како Венецуела – ќе нападнат, ќе ја преземат контролата и ќе биде завршено. Но, сега се во стапица – изјави Лариџани во интервју за иранската државна телевизија.

Кој има контрола над небото?

Во самиот Иран расте штетата врз инфраструктурата и станбените области. Граѓаните известуваат за зголемена вознемиреност и засилено присуство на безбедносните сили.

Министерството за здравство во Техеран соопшти дека најмалку 926 цивили се убиени, а околу 6.000 се ранети.

Во меѓувреме, Нетанјаху тврди дека израелските сили постигнале речиси целосна контрола врз небото над Техеран.

Аналитичарите предупредуваат дека сè уште нема јасен пат за крај на конфликтот. Според американски и израелски претставници, војната може да трае најмалку еден месец, а можеби и подолго.

Поврзани содржини