ИРАН ПОСТАВУВА МИНИ ВО ОРМУТСКИОТ ТЕСНЕЦ Се јави Трамп, „тргнете ги веднаш!“
Американските разузнавачки служби предупредуваат дека Иран можеби почнал да поставува мини во Ормутскиот теснец, низ кој минува околу една петтина од светската трговија со нафта. Шефот на САД побара тие веднаш да се отстранат и се закани со „невидени воени последици“ ако тоа не се случи.
Информации од американските разузнавачки служби укажуваат дека Иран почнал да поставува мини во Ормутскиот теснец во Персискиот Залив. Низ овој воден пат минува околу една петтина од вкупната трговија со сурова нафта во светот.
Според извори запознаени со извештаите на американските служби, поставувањето на мини засега е ограничено на неколку десетици во последните денови. Но Иран располага со значително поголеми капацитети за таква операција.
Изворите наведуваат дека Иран сè уште има на располагање повеќе од 80 до 90 проценти од своите мали бродови и бродови за поставување мини. Тоа значи дека иранските сили би можеле релативно брзо да постават стотици мини во теснецот.
Контролата врз овој клучен морски премин ја споделуваат Иранската морнарица и Иранскиот корпус на Револуционерната гарда. Според претходни анализи, тие имаат можност да распоредат бродови за поставување мини, експлозивни пловила и крајбрежни ракетни батерии долж теснецот.
По медиумските извештаи, реагираше и Доналд Трамп со предупредување до Техеран.
„Доколку Иран поставил мини во Ормутскиот теснец, а немаме извештаи дека ги имаат, сакаме да бидат отстранети – СЕГА!“, напиша Трамп на социјалните мрежи.
Тој предупреди дека ако мините не бидат отстранети, Иран би можел да се соочи со сериозни воени последици.
„Доколку поради која било причина се постават мини, а не се отстранат веднаш, воените последици за Иран ќе бидат од невидени размери“, додаде Трамп.
Според него, отстранувањето на евентуално поставените мини би било „голем чекор во вистинската насока“.