ИРАН НЕМА ВОДА, ТЕХЕРАН ПРЕД ЕВАКУАЦИЈА Најтешкиот удар за Иранците дојде од небото
Претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан најави можна евакуација на Техеран, град со над 10 милиони жители, ако не падне дожд до крајот на ноември.
Иран е сериозно погоден од голема суша, а претседателот Масуд Пезешкијан најави можна евакуација на Техеран, град со над 10 милиони жители, ако не падне дожд до крајот на ноември!
Техеран е под постојани ограничувања на водата, а половина од Иран не видела ниту една капка дожд од летото, пишува Форбс.
Во последните месеци Иран беше подложен на тешки удари: американскиот претседател Доналд Трамп ја оживеа и ја прошири политиката на максимален притисок врз Иран, барајќи од сојузниците да се обединат во економскиот и дипломатскиот притисок. Тој го поддржа Израел кога премиерот Бенјамин Нетанјаху ги започна најголемите воени напади врз Иран во модерната историја, ризикувајќи поширока војна. Советот за безбедност, пак, повторно воведе тешки санкции врз Иран, меѓутоа, најтешкиот удар врз режимот во Техеран дојде од небото, од кое не доаѓа дожд.
Природата се здружи со непријателот, пишува Форбс, додавајќи дека Иран сега влезе во својата шеста година со суша.
Во некои големи градови веќе се воведени рестрикции на водата, притосокот е намален и се најавува понатамошна рационализација на потрошувачката.
Според неофицијалните проценки цитирани од „Форин полиси“, до 35 проценти од водата во Техеран се губи поради протекување на цевките.
– Годишно се губат околу 16 кубни километри вода – нагласува Мохамад Џавад Туриан, научник од Универзитетот во Штутгарт.
Еден кубен километар значи приближно една милијарда тони вода.
– Ова значи дека Иран губи количина вода со големина на езерото Констанца речиси на секои три години – вели Туриан, коавтор на студија за иранската криза објавена во 2022 година во престижниот магазин „Природа“.
Главниот град Техеран, кој има над 10 милиони жители, е во толку тешка ситуација што се разгледува делумна евакуација.
Оваа ситуација не е изненадувачка, туку е резултат на децении прекумерна екстракција на вода, поголема отколку што природата може да компензира, пишува Форбс, повикувајќи се на зборовите на иранскиот еколог, научник и активист, Кавеа Мадани.
Техеран веќе неколку месеци повремено останува без вода. Потрошувачката се намали за 12% за седум месеци, но сепак тоа е премалку: целта на градските власти е да се намали за 20%, за да се обезбеди снабдување со вода до зимата.
Главниот град на Иран има 10 милиони жители, а уште 18 милиони во пошироката област. Бидејќи бунарите пресушија, а фармите пропаднаа, милиони луѓе се преселија во периферијата на Техеран.
Побогатите згради имаат резервоари на покривот и пумпи за вода. Дури и кога нема официјално намалување, чешмите се празни.
– Немавме вода три дена. Притисокот беше толку низок што ништо не излегуваше – вели жител на Техеран.
Иран отсекогаш е прилично сува земја, но сега неговите резерви на вода се сериозно исцрпени поради децении прекумерна употреба, неуспешно наводнување и неодржувана инфраструктура.
Неколку експерти со децении предупредуваат за претстојната катастрофа, пишуваат медиумите, додавајќи дека тие гласови биле замолчени и маргинализирани.
Проблемот лежи и во фактот што иранските власти ја третираа водата како неограничен ресурс. Тие пропагираа земјоделство кое бара интензивно наводнување во некои од најсушните области на планетата, сè во име на национална самодоволност и независност од увоз на храна. И водата и електричната енергија беа субвенционирани од државата, што поттикнуваше расипување и прекумерно пумпање на подземните води. Властите се фалеа со изградба на брани, кои станаа симболи на национална гордост и сила: целта беше да се искористи секоја капка вода.
Овој пристап беше дополнително зајакнат под меѓународните санкции. Наоѓајќи се економски и политички изолиран, Иран по секоја цена ја удвои „економијата на отпор“, исцрпувајќи ги природните ресурси.
Сега на Иран му се заканува парализа на целиот систем, а проблемот е уште поголем, бидејќи земјата не е подготвена за тоа, анализираат медиумите.