ИРАН НЕГИРА ДЕКА ЛАНСИРАЛ РАКЕТА КОН ТУРЦИЈА Дали целта била грчкиот дел од Кипар?
Турски функционер изјавил дека Анкара смета оти ракетата, лансирана од Иран, целела кон база во грчки Кипар, но отстапила од својот курс пред да биде пресретната..
Иран негираше дека лансирал ракета кон Турција, откако турските власти вчера објавија дека воздушната одбрана на НАТО соборила ракета од иранско потекло додека се движела кон нејзиниот воздушен простор.
„Иранските вооружени сили го почитуваат суверенитетот на Турција и негираат дека испалиле каква било ракета кон нејзина територија“, објави „Гардијан“ повикувајќи се на соопштение на Генералштабот на иранските вооружени сили објавено денеска од државните ирански медиуми.
И Турција тврди дека не била цел на иранската ракета, наведувајќи дека проектилот најверојатно бил насочен кон грчкиот дел од Кипар.
Турски функционер изјавил дека Анкара смета оти ракетата, лансирана од Иран, целела кон база во грчки Кипар, но отстапила од својот курс пред да биде пресретната.
Од Министерство за одбрана на Турција претходно информираа дека ракетата прелетала над Ирак и над Сирија, по што била соборена од воздушните и ракетните одбранбени системи на НАТО стационирани во источниот Медитеран.
Засега нема официјален коментар од САД, кои располагаат со воздухопловни сили во базата Инџирлик во јужна Турција. Турските власти соопштија дека остатоци од пресретнатата ракета паднале во покраината Хатај.
„Ги предупредуваме сите страни да се воздржат од дејствија што дополнително би го ескалирале конфликтот во регионот. Ќе продолжиме со консултации со НАТО и нашите сојузници“, соопшти турското Министерство за одбрана, додавајќи дека ќе бидат преземени сите неопходни чекори за заштита на територијата и воздушниот простор на земјата.
Во меѓувреме, Анкара го повикала иранскиот амбасадор на разговори во Министерството за надворешни работи, со цел официјално да изрази протест поради испуканата ракета кон турскиот воздушен простор.
Според досегашните информации, во инцидентот нема жртви или повредени.