ИРАН НЕ БАРА ВОЈНА, НО Е ПОДГОТВЕН ЗА ВОЈНА Подготвен е и за преговори

Според некои непотврдени извори, извештаите укажуваат дека најмалку неколку стотици, а можеби и повеќе од 2.000 лица се убиени, соопшти норвешката невладина организација „Иран човекови права“ (IHR) споменувајќи и повеќе од 2.600 апсења.

55

Шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, денеска изјави дека земјата е подготвена за војна, по новите закани од Доналд Трамп за воена интервенција доколку режимот продолжи да ги задушува протестите во кои се стравува дека стотици луѓе веќе се убиени.

Соочени со големи протести во Техеран и во другите градови во последните денови, властите денеска повикаа на контрадемонстрации за поддршка на Исламската Република, која се соочува со еден од најголемите тестови откако е прогласена во 1979 година.






Норвешката невладина организација „Иран човекови права“ (IHR) вчера соопшти дека ја потврдила смртта на најмалку 192 демонстранти од почетокот на протестите на 28 декември, но предупреди дека бројот на жртви може да биде многу поголем, осудувајќи го „масакрот“ и „големото злосторство против иранскиот народ“.

„Според некои непотврдени извори, извештаите укажуваат дека најмалку неколку стотици, а можеби и повеќе од 2.000 лица се убиени“, нагласи невладината организација, споменувајќи и повеќе од 2.600 апсења.

И покрај ограничувањата на интернетот од 8 јануари, сликите од улиците на Техеран и другите ирански градови, вклучувајќи го и Машхад, на истокот на земјата, кои можеби се „пробиени“ преку сателит, покажуваат големи демонстрации во последните вечери.

Во видео потврдено од АФП, десетици тела завиткани во црни кеси може да се видат пред мртовечница во главниот град, каде што Иранците се чини дека ги бараат своите исчезнати најблиски.

Западните новинари пренесуваат дека во Техеран е речиси целосно парализан секојдневниот живот.

Протестното движење, првично поврзано со трошоците за живот и хиперинфлацијата, сега отворено ја предизвикува сегашната влада. Земјата е ослабена од 12-дневната војна со Израел во јуни 2025 година, но и од ударите врз регионалните сојузници, како и од санкциите поврзани со нејзината нуклеарна програма, кои ОН ги воведе повторно во септември.

По повторените закани за воена интервенција на САД како одговор на репресијата, американскиот претседател вчера изјави дека лидерите на Иран сакаат да „преговараат“ и дека „се подготвува состанок“, но не ја исклучи воената опција.

– Можеби ќе мора да дејствуваме пред состанокот – рече тој, додавајќи дека американската војска разгледува „многу силна акција“.

– Исламската Република Иран не бара војна, но е целосно подготвена за неа. И ние сме подготвени за преговори, но тие преговори мора да бидат фер, со еднакви права и засновани на меѓусебно почитување – одговори денеска шефот на иранската дипломатија, Абас Аракчи, за време на конференцијата на странски амбасадори во Техеран, која беше емитувана на државната телевизија.

Иранската влада вчеравечер прогласи тридневна национална жалост за „мачениците на отпорот“, осврнувајќи се особено на убиените припадници на безбедносните сили. Додека властите велат дека ги разбираат економските барања на демонстрантите, тие сè повеќе ги осудуваат „бунтовниците“ за кои велат дека биле испратени од странски сили, првенствено од САД и од Израел.

Претседателот Масуд Пезешкијан го повика населението денеска да учествува во „марш на отпорот“ низ целата земја за да го осуди насилството за кое тврди дека го вршат „урбани терористички криминалци“.

Државната телевизија емитуваше снимки од запалени згради, вклучувајќи и џамија, како и од погребни поворки за припадници на безбедносните сили.

Поврзани содржини