ИРАН МОРА ДА ГО ОТВОРИ ТРАМПОВИОТ ТЕСНЕЦ, МИСЛАМ, ОРМУСКИОТ Не го изговорив тоа случајно, рече Трамп
Зборувајќи за иранското раководство, американскиот претседател Доналд Трамп рече дека врховниот лидер веќе не е врховен и дека Иран е единствената земја каде што никој не сака да води и повтори дека НАТО е хартиен тигар.
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска повторно го критикуваше НАТО, велејќи дека е разочаран затоа што не им помогнал на САД во војната со Иран.
– Секогаш велев дека НАТО е хартиен тигар – рече Трамп, кој одржа говор во Мајами, на конференцијата „Иницијатива за идни инвестиции“.
Тој додаде дека Алијансата нема да реагира дури и во случај на голем конфликт.
– Ако се случи нешто големо, ви гарантирам дека нема да бидат таму – рече тој, алудирајќи на можна светска војна.
Тие направија голема грешка, не беа таму, додаде тој.
Трамп конкретно ги спомена францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц, кои ги нарече пријатели, но ги критикуваше за тврдењето дека војната со Иран не е нивна војна.
– Украина не е наша војна, но ние им помогнавме – рече Трамп.
Претседателот рече дека САД и Иран „разговараат токму сега“ и дека би било „одлично ако се направи нешто“.
Во исто време, тој го повика Иран повторно да го отвори Ормускиот Теснец.
– Тие мора да го отворат Трамповиот теснец, мислам, Ормутскиот – рече Трамп.
Тој додаде дека тоа не е грешка.
– Лажните медиуми ќе речат „тој го кажа тоа случајно“, не, нема случајности со мене. Не многу – рече тој.
Трамп додаде дека сака да ги преименува работите, потсетувајќи на својата одлука да го нарече Мексиканскиот Залив Американски Залив.
Зборувајќи за иранското раководство, тој рече дека врховниот лидер „веќе не е врховен“ и дека Иран е „единствената земја каде што никој не сака да води“.
– Техеран е назад. 47 години, Иран беше познат како агресор на Блискиот Исток, но повеќе не е – рече Трамп.
Додаде дека регионот е на работ на големи промени.
– Вечерва сме поблиску од кога било до подемот на Блискиот Исток кој конечно е ослободен од иранскиот терор, агресија и нуклеарна уцена – рече тој.
Тој ги повтори претходните тврдења дека американската војска е најмоќна во светот, дека Иран би користел нуклеарно оружје доколку го развие и дека иранската војска е „поразена“.
– Само што погледнав – имавме уште еден одличен ден – рече Трамп.