ИРАН ЌЕ НАПРАВИ СЀ ЗА ДА ПОСТИГНЕ ДОГОВОР СО САД Ќе преговара целосно искрено и со добра волја
Подготвени сме да постигнеме договор што е можно побрзо, вели заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Маџид Тахт Раванчи.
Техеран е подготвен да ги преземе сите неопходни чекори за да постигне договор со САД, рече денеска заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Маџид Тахт Раванчи.
– Подготвени сме да постигнеме договор што е можно побрзо. Ќе направиме сè што е потребно за да се случи тоа. Ќе влеземе во преговарачката сала во Женева со целосна искреност и со добра волја – наведе Раванчи.
Следниот круг од преговорите со САД за иранската нуклеарна програма ќе се одржат в четврток во Женева. На средбата ќе присуствува американскиот специјален претставник Стив Виткоф и зетот на американскиот претседател, Џаред Кушнер, а иранската делегација ќе ја предводи министерот за надворешни работи Абас Арагчи.
Иран и САД во текот на месецот ги обновија преговорите по засилувањето на американското воено присуство на Блискиот Исток. Претседателот на САД Доналд Трамп во петокот изјави дека размислува за ограничени напади врз Иран, со цел да го принуди Техеран на договор за неговата нуклеарна програма.
Иран претходно соопшти дека е подготвен на отстапки за нуклеарната програма во замена за ублажување на санкциите и за признавање на правото за збогатување ураниум.