ИРАК БАРА НЕГОВА ТЕРИТОРИЈА ДА НЕ СЕ КОРИСТИ ЗА НАПАДИ ВРЗ ИРАН Стравува од одмазнички напади
Во телефонскиот разговор со Рубио ирачкиот премиер нагласил дека е важно да се гарантира оти ирачкиот воздушен простор, територијата и територијалните води нема да се користат за воени дејствија насочени кон соседни земји.
Ирачкиот воздушен простор не смее да се користи за напади врз соседни земји, изјави премиерот на Ирак, Мохамад Шија ал Судани во денешниот телефонски разговор со американскиот државен секретар Марко Рубио.
Во телефонскиот разговор со Рубио ирачкиот премиер нагласи дека е важно да се гарантира оти ирачкиот воздушен простор, територијата и територијалните води не се користат за воени дејствија насочени кон соседните земји или некоја друга област во регионот, се наведува во соопштението од кабинетот на Судани.
Исто така се додава оти Судани отфрли „секаков обид за вовлекување на земјата во тековните конфликти“, како и „која било од вклучените страни што го нарушува ирачкиот воздушен простор“.
Рубио ги осуди терористичките напади извршени од Иран и неговите сојузнички милиции во Ирак, особено против автономниот регион Курдистан, во северниот дел на земјата, соопшти Стејт департментот.
Тој го повика Ирак да ги „преземе сите потребни мерки за заштита на американскиот дипломатски персонал и објекти“.
На 7 март, во саботата, беа пресретнати ракети кои се движеа кон Амбасадата на САД во Багдад.
Беспилотните летала и ракетните напади спорадично го таргетираат меѓународниот аеродром во Багдад, каде што се наоѓа американскиот дипломатски центар, во близина е воена база, а има и нафтени постројки, додека ирачките вооружени фракции, сојузници на Техеран, се вклучени во конфликтот на Блискиот Исток.