ЏИП ЗАПАЛЕН ПО ГРАБЕЖОТ ВО ГОСТИВАР Разбојниците го уништиле возилото за да ги сокријат трагите
Возилото со кое избегале разбојниците е пронајдено целосно изгорено на патот кон Стража, а според првичните информации, сторителите намерно го запалиле за да ги сокријат трагите.
Џипот што бил користен при денешниот грабеж на златарница во центарот на Гостивар е пронајден запален на патот кон планинскиот премин Стража, на свртувањето кон Маврово.
Според информациите, возилото било целосно зафатено од пламен, а истражителите се сомневаат дека разбојниците го запалиле намерно за да ги сокријат трагите и доказите од грабежот.
Полицијата е на терен и врши увид на местото, при што се собираат траги што би можеле да помогнат во идентификацијата на сторителите. Засега нема информации за нивниот идентитет, ниту за нивната точна локација.
За потсетување, вечерва во центарот на Гостивар се случи дрска разбојничка кражба во златарница. Според првичните информации, неколку вооружени и маскирани лица влегле во објектот, ограбиле значителна количина злато и пари, а потоа побегнале со црн џип во непознат правец.
За време на бегството, разбојниците фрлиле бодликави жици на неколку локации во центарот на градот за да го отежнат движењето на полициските екипи.
Жителите на Гостивар изјавија дека околината на златарата била целосно блокирана, а полицијата детално го пребарува подрачјето.
Секторот за внатрешни работи Тетово спроведува интензивна истрага за расветлување на случајот и пронаоѓање на сторителите.