Инвестицискиот план на Владата – за некого е голем „бум“, а за некого распродажба на државата

За експертите е проблематично тоа што сите тие инвестиции нема конкретни рокови ниту, пак, финансиска поткрепа. Од друга страна, бизнисмените сметаат дека колку и да се оствари од овој план на Владата ќе биде добар поттик за економијата која ќе може да забележи поголем раст.

681

Нереален план, вовед во приватизација на државата, предизборни ветувања кои наликуваат на оние на поранешниот премиер Никола Груевски, која или колку влади ќе го реализираат овој план, но и добар план кој ќе обезбеди економски раст. Ова се првите коментари на јавноста, експертите, бизнисмените и опозицијата за Интервентниот план за инвестиции на Владата тежок близу 8,2 милијарди евра за периодот 2021-2027 година објавен викендов од премиерот Зоран Заев и економскиот тим на Владата.

За експертите е проблематично и тоа што сите тие инвестиции нема конкретни рокови ниту пак финансиска поткрепа. Бизнисмените, пак, сметаат дека колку и да се оствари од овој план на Владата ќе биде добар поттик за економијата која ќе може да забележи поголем раст.






Според најавеното од 8,2 милијарди евра колку што тежи интервентниот план за инвестиции, 3,8 милијарди евра се јавни инвестиции што значи дел од буџет, но и дел од задолжувања кои веќе се преземени, дел од ЕУ, додека останатите пари во висина од 4,3 милијарди евра доаѓаат од приватниот сектор.

3,1 милијарди евра е планирано да се инвестираат во секторот енергетика каде што се опфатени проекти кои се најавени и не се реализирани и по 20 години; 2,7 милијарди евра во патна и железничка инфраструктура; 798 милиони евра во преработувачката индустрија; 300 милиони евра во инвестиции за малопродажба; 500 милиони евра инвестиции во јавното здравство; 504 милиони евра во комунална инфраструктура – животна средина (прочистителни станици, селектирање на отпад и сл.); 200 милиони евра во туризмот. Најголемиот дел од инвестициите ќе бидат реализирани преку јавно-приватно партнерство во кое уделот на државата ќе биде минимален. Планот предвидува и 12.700 нови вработувања.

Владата најавува и отстранување на голем број бариери со кои се соочуваат инвеститорите преку целосна дигитализација на процесите и целосен увид на местата каде се прават застоите.

За дел од експертите проблематично е реализирањето на планот, бидејќи со години државава не успева да ги реализира капиталните инвестиции, највисокиот раст на странски инвестициите досега е од 600 милиони евра, а се планира годишно да се инвестира и по 1,2 милијарди евра.

Економистот од Виенскиот економски институт и советник на министерот за финансии во претходната Владата на Зоран Заев, Бранимир Јовановиќ, вели дека најстрашното е тоа што Владата преку овој план ќе го распродаде државниот имот.

– Планот е всушност приватизација на државата. Сите тие проекти што се во областа на енергетиката и слично се јавно-приватни партнерства. Улогата на државата во тие проекти е минорна, 10, 20 отсто. Тоа практично значи дека ќе ги распродавате природните богатства, убавини на оваа држава, реките, полињата за да се градат соларни централи или што и да е. Ќе ја распродавате државата на некои инвеститори дали домашни или странски не е ни важно, и на тој начин ќе обезбедите економски раст. Значи тоа е приватизација на државата – вели Јовановиќ.

За него е проблематично и формирањето на координативно тело за следење на инвестициите во кое ќе учествуваат претставници од државата и од приватните инвеститори.

– Од каде тоа, најдете ми друга држава во светот што доверува државни инвестиции, државни работи на приватни субјекти. Нема такво нешто, тоа е недозволиво – вели Јовановиќ.

Тој на својот Фејсбук-профил го спореди планот со приватизацијата во земјава реализирана пред три децении кога најголемите компании завршија во приватни раце и со предизборното ветување на експремиерот Груевски кога најави исто толкав износ на инвестиции и со истите проекти.

„Ако веќе бараме историски паралели, мислам дека ова повеќе наликува на еден друг период. На оној од 1990-тите, кога се спроведе приватизацијата и целото општествено богатство, кое заеднички беше градено со децении, преку ноќ заврши во раце на малкумина моќници“, напиша Јовановиќ на Фејсбук.

За поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини планот е нереален и наликува на предизборен маркетинг од типот на Никола Груевски.

– Може само да се замисли што ќе биде ако се закажат парламентарни избори. Кој се обврзува дека овие планови ќе бидат реализирани? Каде е гаранцијата дека некоја Влада ова ќе го реализира – вели Хајредини.

За него е нејасно и тоа зошто се формира ново тело кога веќе има министерства.

– За ефикасна реализација на ИПИ 2021-2027, како што кажа Заев, ќе биде формирана и единица за следење на инвестициите која ќе претставува координативна група од јавниот и приватниот сектор и ќе биде одговорна за раководење со процедурите за справување на Интервентниот план за јавни и приватни инвестиции. Останува нејасно за што ќе одговараат и што ќе работат министрите со министерствата. Слична е ситуацијата и со надлежните антикорупциски органи – вели Хајредини.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, на Фејсбук оцени дека со планот се подготвува најголем грабеж во земјава.

„Во првите пет месеци од годинава, според податоците на Министерството за финансии, се реализирале само 20 отсто од предвидените капитални инвестиции за целата година, односно инвестирани се 86 милиони евра. Лани биле реализирани само две третини од капиталните инвестиции предвидени со буџетот за целата година. Во почетокот на годинава се планираа капитални инвестиции од 391 милиони евра, но се скратија за 90 милиони евра, а на крајот на годината беа инвестирани 197 милиони евра во 2017 година, првично беа планирани инвестиции од 438 милиони евра, со ребалансот беа намалени за 50 милиони евра, на крај се реализираа 323 милиони евра. Тоа значи дека за скоро 2,5 години има капитални инвестиции од 606 милиони евра. Ако се продолжи со ваквата динамика, за да се реализираат капитални инвестиции од 5 милијарди евра ќе бидат потребни 20 години“, напиша Мицкоски.

Од бизнис здруженијата сѐ уште нема официјални коментари на обелоденетиот план за инвестирање на Владата, но бизнисмените кои ги контактиравме сметаат дека ова е позитивен исчекор и добар поттик за развој на стопанството.

– И половина од најавеното да се оствари ќе биде добро за земјата и нејзината економија. Тоа ќе обезбеди повисоки стапки на раст и реструктурирање на економијата. Без да интервенира државата во изградба на ифраструктурни и енергетски објекти не може да се забрза развојот. Почната преткризна поддршка на стопанството во опрема ја забрза инвестициската активност кај компаниите и ако се продолжи со процесот ќе се постигнат очекуваните ефекти – вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи.

Според него, изборот на јавно-приватно партнерсво во реализацијата на стратешки и крупни проекти е добро и се прави и во други земји.

– Ако некој изгради електрана преку јавно-приоватно партнерство тоа не значи дека државата го изгубила ресурсот, туку ќе има гаранција дека цената на струјата ќе биде поевтина од онаа која денеска се увезува. Во договрите за јавно-приватно партнерство треба да се стават разумни рокови 30, 40, 50 па и 100 години за користење од страна на приватниот партнер по што инвестицијата останува на државата – додава Ангелов.

Според него, иако планот е амбициозен доволно за 6 години да се реализира половина, зашто подобро е нешто да се оствари, отколку да не се направи ништо.

Поврзани содржини