ИНВЕСТИЦИИТЕ ЌЕ ГО ЗГОЛЕМАТ БДП Целта е да се подобрат условите за живот во Македонија
Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, гостуваше во „Дејли клик“ на ТВ21 и се осврна на темата за актуелните инвестиции, како и веќе најавениот нов инвестициски бран и го објасни процесот за финансирање.
Тој говореше и за начинот на кој БДП може да се покачи, и како тоа директно влијае на стандардот на живот на граѓаните, што се поклопува целосно со целите кои од самиот старт беа поставени како такви, подобар животен стандард за граѓаните, и подобри услови за живот.
Во однос на неодамна најавениот инвестициски бран кој допрва следува, Стојаноски се осврна на начинот на кој тие проекти ќе бидат финансирани. Тој објасни дека истото ќе се одвива по неколку основи.
– Прво, голем дел од тие финансии ќе се обезбедат од нашиот Буџет. Второ, имаме доста проекти кои што се врзани и одобрени со планот за раст. Третото е исто така од поволни кредити кои што ќе идат директно за финансирање на проекти од ваков тип бидејќи нашата економска филозофија од стартот беше да се потпреме на три работи – вели Стојаноски.
Стојаноски се осврна и на вчерашната прес-конференција на Антонио Кошта, кој беше во посета на Македонија и додаде:
– Во текот на вчерашната прес-конференција, господинот Кошта како претседател на Европскиот сојуз укажа на тоа дека имаме навистина добар прогрес во исполнување на обврските од планот за раст.
Тој објасни дека сите средства кои ќе бидат внесени, за околу 12-тина месеци се надева ќе бидат операционализирани што значително ќе влијае на БДП.
– Прво е реализација на капитални инвестиции кои што ќе бидат реални. Второ, робусна многу креативна политика за привлекување на странски директни инвестиции и третата е поддршка на домашното стопанство. Така што, нашиот план е да со сите овие средства кои што ќе ги внесеме многу брзо од овој момент натака можеби за 12 месеци да бидат операционализирани сите да го кренеме БДП и на таков начин да успееме да внесеме свежи пари во стопанството – изјави Стојаноски.
Стојаноски истакна дека најважно за граѓаните е да се подобри нивниот животен стандард и притоа нивниот квалитет на живот.
– Од она што можеме да го видиме барем од показателите, изворот на овие податоци кои што јас ќе ги кажам е ДЗС имаме годишен раст на индустриското производство од 5,2% успеавме да го намалиме јавниот долг за 4,7% номиналната плата ја покачивме за 10% за 12 месеци, пензиите се некаде во просек на 20% покачени, со што укажува дека навистина македонската економија се движи кон нејзиното заздравување. Ние одлучивме на ваков начин да се трудиме и да успееме на граѓаните да им го овозможиме тоа за што сме се залагале. Тоа е подобар животен стандард, тоа е подобри услови и за работа – додаде Стојаноски.
Во контекст на инвестициите, Стојаноски напомена дека оние што треба да се започнат се важни, меѓутоа важно е да се споменат и оние кои во моментов се актуелни.
– Изградбата на автопатите на коридорот 8 и 10Д, во овој момент во Република Македонија се работи на 4 автопати одеднаш. Тоа е навистина нешто кое што се за поздравување, многу труд се вложи во отпочнување на тие километри за да може да се влезе во прогрес и ете изведувачот да ги изведува работите на терен. Чинам дека имаме доста работа во овој дел, но навистина планираме нашиот главен фокус во наредните години да биде исклучиво во реализација на ваквите политики – заклучи Стојаноски.